ПРИЛЕПСКА СЛИКА ЗА ПОЧИТ: Прилепчани во црква на Велики Петок
Велики Петок е најтажниот ден во годината, денес не се работи, а исто така не се готви храна. На Велики Петок, секоја година прилепските христијански верници, одат во црквите каде е поставено „Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кое верниците се поклонуваат на нашиот спасител, и ги целиваат неговите рани на рацете и нозете.(текстот од објавата продолжува веднаш после рекламата)
Имено вечерва, како и секоја година на вечер на Велики Петок, во прилепските православни христијански храмови се извршува обредот на симболичното погребување на Исус Христос, а сето ова се прави на тој начин што платното наречено „Плаштеница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб, а поминувајќи под Плаштеницата, прилепските верници сочувствуваат со распнатиот Исус Христос.
Денес е Велики Петок-најтажниот ден во годината, денот кога е распнат нашиот спасител -Господ, Бог Исус Христос. Какви страдања преживува нашата душа, каков ужас го обвиткува нашето срце гледајќи го овој страшен призор? Каква збунетост го опфаќа нашиот ум во овие мигови кога мислено се искачуваме на Голготската гора? Какви зборови можат да се произнесат пред оваа глетка – Синот Божји, Кој од небесата слезе за да ги спаси луѓето, исмеан и распнате од нив. Пред нас, среде тој ужасен мрак кој го покрива лицето на целата вселена – Чесното дрво – Крстот Животворен! Дрво триблажено напоено со животворната крв на Бога,преку Кого животот ни е вратен! Жртвеник со бесконечна цена, на кој се изврши спасението на родот човечки! Престол пречесен на кој застана Царот на Новиот Израил, Кој над гревот триумфира! Моќните Евреи Христа Го предаваат на страданија и смрт, но паѓаат пред Неговата Божествена семоќ. Злобно се однесуваат кон Спасителот, но Неговата невиност и возвишена светост торжествува над нив – ослепените од злоба. Страшните знаменија сами зборуваат за искупителното страдање и смртта на Спасителот: завесата на Ерусалимскиот храм се расцепува; земјата трепери и се тресе пред собитието извршено на неа! Сонцето се помрачува и настапува мрак по целата земја. Каков призор е тоа што ги замолкнува устите на набљудувачите!

Сиот народ кој дојде да ја задоволи својата љубопитност, со збунет ум стои и прашувајќи се во гради се удира. Одговараат камењата кои се одделуваат од гробовите на мртовците, оживеани со смртта на Спасителот. Одговара бесчувствената природа која Го изразува своето познание на Бога пред незнаењето на човештвото. Апостол Петар своето одрекување од Христа со горки солзи на покајание го измива, а Јуда предавникот, гледајќи дека Господ на смрт е осуден, очаен на самоубиство се предава. Богочовекот е на Крст, и еден од двајцата распнати со Него ја исповеда Неговата невиност и Божеството Негово; пред Крстот молчаливо стои Богомајката чиешто срце меч го прободува, но таа знае дека Синот нејзин со смртта Своја родот човечки ќе го ослободи; тука е и возљубениот Христов ученик Јован, кој во Крстот ја созерцава недостижната љубов на доброволната Жртва Христова. Божествената љубов, тој дар на Светиот Дух што на Апостолите им го откри значењето на искупувањето – Господ страда заради љубов кон луѓето и заедно со Него умира гревот на целото човештво. Смртта на Господа стана извор на животот. „Бог е Љубов“…