Прилепчани го одбележаа „Свети Никола“ – патронот и заштитникот на градот под Марковите Кули

Денес го одбележуваме големиот христијански празник „Свети Никола“ – патронот и заштитникот на нашиот град Прилеп.

Овој ден е симбол на љубов, заедништво и добрина, празник кој што не обединува сите, и како домаќини во нашите домови и како драги гости тука каде што заедно го споделуваме празничниот дух.

Како град, имаме привилегија и чест да ја чуваме оваа традиција веќе 18 години по ред, традиција што нè обединува и ја нагласува нашата верба и култура. Свети Никола е симбол на хуманост, добротворност и грижа за немоќните и сиромашните. Неговото дело е патоказ и инспирација како да ја градиме нашата заедница врз основа на добрината, разбирањето и солидарноста.


Оваа година, Локалната самоуправа на Општина Прилеп ја имаше честа да биде домаќин на градската слава. Со голема посветеност, се потрудивме да го одбележиме празникот достојно, во духот на нашите вредности и традиции. Веруваме дека оваа заедничка радост, оваа поврзаност меѓу институциите и граѓаните, е темелот на силен и успешен Прилеп.
Со задоволство најавуваме дека идната година, домаќини на градската слава „Св. Никола“ ќе бидат реномираните прилепски компании „Бимфоод“ и Матадор. Нивната посветеност во градот, трудот и вложувањата се пример за тоа како приватниот сектор и заедницата можат заеднички да напредуваат и да го зачувуваат духот на нашата традиција.
Традицијата е нашиот идентитет. Прилеп бил и ќе остане град што ја негува верата, историјата и културата. Нашата должност е да ги чуваме овие вредности и да ги пренесуваме на идните генерации.

Локалната самоуправа ќе продолжи со вложувања во развојот на културата, духовноста и локалните традиции, со цел Прилеп да остане горда и препознатлива дестинација за секој добронамерен гостин.На годинешните и идни домаќини на славата им посакувам многу здравје, успех и бериќет. Нека Свети Никола ги чува вашите домови, вашите семејства и целиот наш град. Драги прилепчани, ви посакувам убави празнични денови, исполнети со радост, здравје и благосостојба. Нека Свети Никола биде наш заштитник и водилка кон подобра иднина. Нека ни е честит и вековит големиот празник Свети Никола! – порача прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.


















