ООУ Климент Охридски – Прилеп го оддбележа својот патрон празник
Денеска, ООУ Климент Охридски – Прилеп го оддбележа својот патрон празник, на кој што имаше голем број на присутни, меѓу кои беа и градоначалникот на Општина Прилеп – Борче Јовчески, како и директорот на училиштето, Ахил Јаков.
“Во мое лично име и во името на Општина Прилеп на сите православни христијани и на сите наши сограѓани им го честитам големиот христијански празник – „Св. Климент Охридски“ и им посакувам многу здравје, среќа и бериќет.
Пред неговата биста во ООУ Климент Охридски, оддадовме почит.
Светиот Климент Охридски е длабоко врежан во македонската историја, тој е еден од најистакнатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј и првиот македонски архиепископ. Творец е на познатата Охридска книжевна школа, позната и како прв универзитет на Балканот и е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог.
Неговото духовно и книжевно дело е трајно врежано во историјата на Република Македонија и македонското културно наследство.
Во нашето основно општинско училиште проследивме пригодна програма а пред присутните истакнав дека, во името на сесловенскиот просветител Климент Охридски – основоположник на Охридската книжевна школа и еден од најзначајните културни дејци на македонската историја – Вие, како дел од ова училиште, го носите аманетот да го продолжите неговото дело преку воспитание, учење и иновации.
Посебна почит заслужува вашата посветеност кон инклузивноста. Вашата работа со паралелките за ученици со попречености е доказ за тоа како заедно можеме да создадеме општество кое го прифаќа и поддржува секој негов член. Ова е одраз на вистинските вредности на Климент Охридски, кој секогаш се стремел кон просветлување и еднакви можности за сите.
Во духот на Климент Охридски, чии идеи и дела нѐ инспирираат и денес, продолжете да го градите патот кон знаењето, напредокот и човечноста. Вие сте вистинските амбасадори на неговото наследство. За многу години празникот! – истакна градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески.