Од денеска започнува караванот за вакцинација против Ковид-19

Сподели го ова:
















Министерството за здравство со поддршка од Светската здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ почнува со караван за вакцинација против Ковид-19, кој ќе опфати 14 локални заедници низ државата. На секое од овие места граѓаните ќе имаат можност да се вакцинираат и да се информираат за придобивките од имунизацијата против Ковид-19. Исто така, на овие локации граѓаните кои се вакцинирани во странство ќе имаат можност да се евидентираат во системот Мојтермин.  

Според последните податоци, околу 41 проценти од вкупното население во земјава е вакцинирано со две дози, а само 7 проценти со трета (бустер) доза. Имајќи предвид дека невакцинираната популација има поголем ризик од смртен исход од Ковид-19, во споредба со вакцинираните, тоа значи дека голем дел од популацијата останува незаштитена. Одлуката за вакцинирање не треба да се одложува. Вакцинирањето е побезбеден начин за заштита на здравјето, отколку инфекцијата со вирусот, која може да доведе до смртен исход, а бустер дозите овозможуваат континуирана и максимална заштита од сите варијанти на вирусот.   

Покрај активностите од караванот за вакцинација кои ќе се реализираат во следните две недели и ќе опфатат 14 локални заедници, граѓаните имаат можност секој ден да се вакцинираат во здравствените домови во државата.  

Инаку, статистичките податоци покажуваат дека се намалува старосната граница на заразени од коронавирус кои развиваат тешка клиничка слика на болеста. Меѓу последно евидентираните хоспитализиции и смртни случаи предизвикани од компликации на Ковид-19 во земјава има сè повеќе млади лица, кои се на удар и во најголем ризик во четвртиот бран на пандемијата, така што со овој караван целта е да се стави апел до сите категории граѓани кои досега не се вакцинирале.    

Вакцините кои се користат се сигурни и безбедни, и здравствените домови располагаат со доволни количини вакцини.   

Вакцинацијата останува најефикасна заштита од заболување, развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт, а колективниот имунитет е единствениот начин да се победи пандемијата.    







Сподели го ова:

Слични објави