НОВИ МАКЕДОНСКИ СВЕТИТЕЛИ: Kанонизација на св. Спасо и Спаса Вишенски
На 8-ми и 9-ти јуни во храмот „Свети Атанасиј“ во село Вишни (Струшки Регион) и во храмот „Света Софија“ во Охрид, ќе се случи свечениот чин на канонизација на новите македонски светци Спаса и Спасе Вишенски. Настанот претставува крунисување или завршување на еден процес што е започнат пред речиси еден век, со откривањето на моштите на светата Спаса, со што почнале да се празнуваат богослужбено и црковно, особено света Спаса, чие пак житие не може да се раскаже без свети Спасе.
Во сабота, на 8-ми јуни, во храмот „Свети Атанасиј“ во струшкото село Вишни ќе се отслужи вечерна богослужба на која ќе претстои нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител во сослужение со свештеници од Струшкото намесништво, по што моштите на света Спаса ќе бидат измиени и префрлени во нов кивот (кутија) и пренесени во храмот „Света Софија“ во Охрид. Таму, после вечерната богослужба, моштите ќе ги пречека надлежниот арихиереј Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки г. Тимотеј, кој ќе ги внесе во храмот и ќе отслужи последен парастос за двајцата праведни, според востановената практика на Црквата. Следниот ден, на Литургија со која ќе чиноначалствува Неговото Блаженство архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со сите архиереи на помесната Црква, ќе биде објавена одлуката за впишувањето во списокот на светиите, на праведните Спасе Вевчански и Спаса Вишенска – се истакнува во објавата од Бигорскиот Манастир.