Нашето најголемо природно богатство! 21 јуни – Ден на Охридското Езеро!
Денеска, 21 јуни е Ден на Охридското Езеро! Заради извонредните универзални природни, културни и историски вредности кои се огледаат во вековната синтеза на исконската природа и древното градителско наследство, одамна познато и признаено во светот, Охридското Езеро и градот Охрид со сето свое културно наследство се ставени на листата на Светското наследство на УНЕСКО.
Најпрвин, во 1979 година, Комитетот за светско наследство одлучи во листата на светско наследство, под природниот критериум (III), да влезе и Охридското Езеро, односно делот што ѝ припаѓа на Македонија (тогаш во рамките на СФРЈ). Наредната, 1980 година, Комитетот одлучи да го прошири заштитеното подрачје на Охрид вклучувајќи ги и културните и историските вредности, според културните критериуми (I), (III) и (IV), под името “Охридскиот регион со неговите културни и историски аспекти и неговата природна околина.” На барање на Република Македонија, на Триесеттата седница на Комитетот за светското наследство, во 2006 година, името на заштитеното подрачје на Охрид е изменето во: “Природното и културното наследство на Охридскиот регион”.