Директорот Илковски: Ова не е само фестивал — ова е средба на култури, јазици и звуци што се спојуваат во едно чувство

Сподели го ова:






























Денеска во фоајето на битолскиот Центар за култура се одржа прес-конференција по повод претстојното 17. издание на Фестивалот на музика од светот. На пресот се обратија директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски, и Благојче Трајковски од групата Фонтана, кои појаснија детали за програмата, концептот и значењето на фестивалот.

Од името на институцијата беше изразена голема благодарност до Министерството за култура и туризам на Република Македонија, за финансиската поддршка во рамките на годишната програма, како и до Општина Битола за континуираната логистичка поддршка.

Илковски истакна дека фестивалот веќе седумнаесет години ја претвора Битола во точка на културна поврзаност и уметничка инспирација.

„Ова не е само фестивал — ова е средба на култури, јазици и звуци што се спојуваат во едно чувство: музиката како универзален јазик на човештвото,“ .

Годинашното издание се одвива под мотото „Уметноста на звукот“, кое го истражува просторот меѓу тишината и вибрацијата, меѓу традицијата и современото музичко изразување. Фестивалот останува верен на својата мисија да го негува дијалогот меѓу културите и да отвора простор за нови уметнички средби.

На прес-конференцијата збор зеде и Благојче Трајковски од групата Фонтана, кој искрено им се заблагодари на сите за огромниот интерес за фестивалот и за нивниот концерт. Тој ја потврди веста дека концертот е веќе распродаден, што, како што рече, претставува голема чест и мотив за понатамошна работа.

Трајковски најави дека настапот ќе биде исполнет со претежно македонска музика, како и со избрани песни од турскиот репертоар на Гамзе, подготвени во уникатни аранжмани специјално за оваа вечер.

ФЕСТИВАЛСКА ПРОГРАМА

27.11 – Фонтана & Gamze Matraci

28.11 – Тања Царовска & НУ Камерен оркестар Битола

29.11 – Balkan Zoo & Нина Чориќ

30.11 – Koza Mostra (Грција)

01.12 – Gamazda: Piano Rewind

OFF ПРОГРАМА

29.11 – Јован Милошевски (18:00, КИЦ Битола)

30.11 – The Doors Tribute by Eruption (22:00, Repeat Café)




Сподели го ова:

Слични објави