ЈП Комуналец Битола ги демантира наводите дека на битолскиот стадион им била одземена опремата за снимање на новинари
Информација за јавноста од ЈП Комуналец – Битола:
“Во врска со информациите дека телевизиска екипа била задржана на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, не му било дозволено снимање и како што тврдат била одземена опрема, како Јавно претпријатие „Комуналец“ кое е одговорно за овој објект ја информираме јавноста дека станува збор за неовластено влегување во објектот, без најава дека телевизијата има намера да изврши снимање внатре во објектот.
Како јавно претпријатие никогаш не сме забранувале снимање на објект од јавен карактер, но секогаш по претходна најава за снимање и легитимирање на лицата, односно претставниците на медиумите.
Имено, во текот на денешниот ден, неовластено лице кое подоцна се претстави дека е снимател во локална телевизија влезе од влез за товарни возила каде што не смеат да влегуваат лица без никаква претходна најава во просториите на стадионот „Петар Милошевски“ и започна со снимање на просторот.
Истото лице беше предупредено дека нема никаква најава за снимање на затворен простор во стадионот и беше повикано во просториите.
Најостро ги демантираме наводите дека им била одземена опремата за снимање и имало контакт со истото лице, што може да се провери и во полицискиот записник и изјавите во него кои беа дадени од службата на обезбедување. Исто така ги демантираме наводите дека на лицето му беше забранет излезот, од службата за обезбедување едноставно му беше посочено дека не смеат да влегуваат во просторот без претходна најава уште помалку преку влезот кој не е наменет за лица, туку за товарни возила.
На крај сакаме да истакнеме дека како јавно претпријатие ја почитуваме работата на новинарите и секогаш сме биле отворени и транспарентни за соработка” – информираат од ЈП Комуналец – Битола.


















