Јовчески со порака од Австрија: Посветено продолжуваме да работиме за доброто на Прилеп!
Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески е во работна посета на Австрија, каде акцентот е ставен на подобрување на социјалните услуги во Прилеп! Посетата е дел од проектот TRANSACT: Трансформирање на глобалните социјални предизвици во реални локални активности.

Ја започнавме нашата работна недела во Република Австрија, заедно со претставници од Центарот за развој и едукација од Прилеп, колеги градоначалници од повеќе општини од Македонија, претставници на Министерството за труд и социјална политика, демографија и млади, како и директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Прилеп. Овој значаен проект, поддржан од Австриското Сојузно Министерство за социјални политики, здравство, нега и заштита на потрошувачи, ќе го донесе пилотирањето на новата социјална услуга „Медицинска сестра во заедницата“ за првпат во нашата држава и во нашиот град Прилеп. Целта на оваа услуга е да овозможиме медицинска нега за лица и семејства кои се наоѓаат во социјален ризик.
Во текот на посетата ќе оствариме средби со водечки организации и институции во Австрија кои обезбедуваат социјални и здравствени услуги. Преку размена на знаења и искуства, ќе ги проучиме успешните практики за нивна примена во нашата заедница.Со оваа иницијатива, заедно со партнерите од Австрија, работиме на создавање иновативни решенија и подобрување на пристапот до квалитетни социјални услуги за сите наши граѓани. Посветено продолжуваме да работиме за доброто на Прилеп! – порача Јовчески.


















