ГОЛЕМ БРОЈ НА ДЕТСКИ РАЧИЊА ТВОРЕА, ЦРТАА И ПИШУВАА ЗА БОЖИК: За божикните празници во храмот „Св. Петка“ ќе можете да ја погледнете уметничката изложба од учениците кои цртаа и пишуваа за Божик

Сподели го ова:
























ПРАЗНИКОТ НА ДЕЦАТА – БОЖИК

БОЖИКНА ПОРАКА ЗА НАШИТЕ ДЕЦА

Драги деца, за неколку дена ќе го славиме Божик, светиот ден кој е исполнет со значење за сите деца во секое семејство па затоа Божикното празнување ќе добие своја полнота кога вие младенците, ќе дојдете при јаслите на Богомладенецот зашто вие, со вашите невини души, чисти срца и искрени насмевки ги претставувате ангелите кои околу јаслите на Богомладенецот пееја: „Слава на Бога во висините, на земјата мир а меѓу луѓето добра волја.“

Драги младенци, Богомладенецот чие раѓање ќе го доживееме за неколку дена, откако ќе порасне, како возрасен човек, како Учител на божествената вистина, ќе покаже извонредна љубов кон децата. Тој ќе им рече на апостолите: „Оставете ги децата да дојдат кај Мене, не ги попречувајте“, и ќе додаде: „зашто на таквите им припаѓа Божјото царство“ (Мк. 10, 14). Друг пат ќе рече: „Ако не се повратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно“ (Мт. 18, 3).

Драги млади, гледате дека вие сте навистина важни во очите на Исус! Можеме дури и да кажеме дека Евангелието е полно со вистината за децата. Впрочем, Исус децата ги посочува како примери на кои возрасните треба да се огледаат ако сакаат да влезат во рајските населби. Детската едноставност, детската добрина, доверба, чистота на душата, детската искреност се особините со кои треба да бидат украсени сите возрасни луѓе кои сакаат да станат Божји деца и да влезат во вечниот живот.

Затоа, како што Христос повикувал да не им пречат на децата да појдат при Него, и ние како Црква, повикуваме и советуваме: Дојдете кај Новороденчето Христос! Вие родители, баби, дедовци, донесете ги младенците при Богомладенецот па преку причесната да се соединат со Него. На овој голем ден, апелираме и советуваме децата да се причестат. Во однос на подготовката за причест, според учењето на Црквата се препорачува децата од мали нозе да се учат на пост но, во случајов, барем последните неколку дена пред Божик. Ова не е задолжително за децата до седумгодишна возраст. Убаво би било но, не мора да постат ниту, пак, некој друг треба да пости за нив. За повозрасните деца се препорачува, поучно, да постат (пост на масло) како што рековме, барем последните два-три дена пред Божик. Утрото пред богослужбата младите треба да бидат гладни и жедни, освен бебињата до едногодишна возраст.

Бог ве сака, драги деца! Ова е она најважното што треба да го знаете во овие Божиќни празници, кои на посебен начин се ваши празници.

Се надевам дека ќе ви бидат радосни и мирни и ќе доживеете поинтензивно доживување на љубовта на вашите родители, на вашите браќа и сестри и на другите членови на вашето семејство.

Оваа љубов потоа мора да се прошири на целата заедница, дури и на целиот свет, токму преку вас, драги деца, и ќе може да допре до оние на кои им е најпотребна.

За божикните празници со радост ве очекуваме во нашиот храм „Св. Петка“ каде ќе можете да ја проследите и уметничката изложба од вашите врсници кои цртаа и пишуваа за Празникот на децата – Божик.




Сподели го ова:

Слични објави