Денеска на “градски”, ФК Победа изгуби на домашен терен од Македонија Ѓорче Петров
Попладнево на Градскиот стадион „Гоце Делчев“, фудбалерите на Победа во меч од 14-тото коло на Првата лига загубија од Македонија Ѓорче Петров со 1-3, полувреме 1-1. Стрелец на единствениот гол за Победа во 32-та минута беше Ѓурковиќ со глава по центаршут од корнер на Наумоски.
Денешниот беше осми сезонски пораз, втор во полусезоната од ѓорчепетровци, кои го добија и третиот дуел со Победа вклучувајќи го и триумфот во Купот на Македонија. За разлика од Победа која денес со својата игра не ги исполни очекувањата на околу 1.000 гледачи, гостите беа поорганизирани и знаеа и умешно ги искористија сите свои шанси за да стигнат до 4-тата победа, втора над Победа во овие 14 кола. Гостите поведоа преку Абази со гол на кој домаќините реагираа сметајќи дека имало офсајд, а забележуваа и на третиот гол на гостите на кој претходел недосуден прекршок врз Амос од страна на Стоилов.
Во шампионатот следи 3-недела пауза за црвено-белите. Во следното коло се слободни, во наредните две потоа во Прилеп ќе ги пречекаат Шкупи (27 ноемцври) и Скопје ( 4 декември), а на крај на полусезоната на 11 декември е гостувањето во Штип – се истакнува во официјалната Facebook група на ФК Победа – Прилеп.