ДЕНЕС Е ГОЛЕМ ПРАЗНИК: На денешен ден се пренесени моштите на св.Климент Охридски
На денешен ден 13 Август, се пренесени моштите на св.Климент Охридски. Најголемиот дел од моштите на св. Климент Охридски се чуваат во манастирот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, а остатоци од черепот, пак, се чуваат во грчкиот манастир „Свети Јоан Продром“ кај Бер – Грција.
Имено, св. Климент Охридски бил ученик на Светите Методиј и Кирил. По смртта на Св. Методиј Климент, под притисок на Германците, од Моравија тргна на југ. Со Горазд, Наум, Сава и Ангелариј – заедно наречени Петочисленици – го помина Дунав, поседе како гостин при царот Борис Михаил и потоа дојде во охридскиот крај.
Прво основа манастир во Белица, кај што му беше и првото епископско седиште. Подоцна се пресели во Охрид и оттаму разви голема архипастирска и просветителска дејност за целата поблиска и подалечна околина. Во Охрид Свети Климент му подигна црква на Св. Пантелејмон. Имаше голем број ученици коишто ги препишуваа книгите со словенски букви за словенскиот народ. При таа дејност особено му помагаше Св. Наум. Вршеше чуда и за време на земниот живот, а неговите мошти до денешен ден пројавуваат исцелителна сила. После големиот труд и верната служба на Бога, се упокои мирно во Охрид, во 916 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во некогашниот храм на Пресвета Богородица, којшто подоцна се нарече по Свети Климент.
