Честитки! 17-годишната прилепчанка Емили Иваноска најбрза на меѓународната трка на 10 km во Скопје
Прилепчанката Емили Иваноска беше најбрза на меѓународната трка на 10 km во Скопје – личен рекорд и лидерство во Македонската тркачка лига Младата атлетичарка од Прилеп.
Емили Иваноска (17), продолжува со одличните настапи оваа сезона. Таа денес триумфираше на трката на 10 километри во рамки на Sri Chinmoy Marathon 2026 Skopje која се одржа во Скопје. Иваноска ја истрча патеката со најдобро време во женска конкуренција, при што постави и личен рекорд на оваа дистанца, што претставува уште еден доказ за нејзината одлична форма и континуиран напредок. Трката имаше меѓународен карактер, со учесници од повеќе држави, што ја прави победата на младата прилепчанка уште повредна.

Со денешниот триумф, Иваноска не само што се искачи на највисокото место на победничкиот пиедестал на 10 километри, туку се искачи и на првото место на генералната ранг-листа во Македонска тркачка лига, потврдувајќи го своето лидерство во сезоната. Трката е дел од традиционалниот настан организиран од Sri Chinmoy Marathon Team, кој секоја година привлекува голем број рекреативци и натпреварувачи на дистанци од маратон, полумаратон и 10 километри. Со овој успех, 17-годишната Иваноска уште еднаш го потврдува својот потенцијал и се наметнува како една од најперспективните млади атлетичарки во македонската атлетика.

















