АНГЕЛ СИ ТИ: Овој понеделник се навршуваат 16 години откако почина Тоше
Неговиот живот заврши точно пред 16 години на 16.10.2007 година, во годината која што Тоше одбележуваше 10 години успешна кариера. Останаа да говорат само спомените за едно убаво време, време кога го имавме Тоше, нашиот Тоше, оној скромен-преспособен млад човек за кого песната и животот му беа ИГРИ БЕЗ ГРАНИЦИ.
Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна уште во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.
Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.