Драган Ковачки се поклони пред споменикот на хероите од Карпалак во Прилеп: Се поклонуваме пред споменот на десетмината прилепски бранители кои своите животи ги положија за Република Македонија
„Има жртви што не завршуваат во мигот кога се дадени. Тие продолжуваат да живеат во совеста на народот кој знае да памети.“ Постојат датуми кои времето не може да ги избрише. Постојат имиња кои не се изговараат само со почит, туку и со чувство на вечен долг. Денеска, 25 години подоцна, повторно се поклонуваме пред споменот на десетмината прилепски бранители кои своите животи ги положија за Република Македонија. Пред споменикот на прилепските бранители во Прилеп, се поклони и оддаде почит Генералниот Секретар на ВМРО ДПМНЕ, Драган Ковачки.
За многумина во нашата татковина тоа беше обичен августовски ден, но за овие момчиња тоа беше денот во кој ја одбраа Македонија. И ја платија највисоката цена. Нема поголем чин од подготвеноста да паднеш за татковината, семејството и вредностите што ги браниш. 25 години подоцна, се сеќаваме на нивната жртва. Жртва како потсетник дека слободата и државата се бранат, а не се предмет на пазарење. Вечна им слава на македонските бранители – истакна Ковачки на социјалните мрежи.

Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Веби Рушидоски, Горан Миноски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски.
Десет синови на Прилеп. Десет животи исполнети со соништа, семејства, надежи и планови. Животи кои прерано беа прекинати, но имиња кои засекогаш останаа запишани во историјата на нашиот град и нашата татковина.
Карпалак останува болно сведоштво за цената на слободата и мирот. Но, истовремено, останува и сведоштво за храброста и пожртвуваноста на луѓето кои во најтешките моменти ја ставија татковината пред себе.
“Како градоначалник на Прилеп, чувствувам длабока обврска да го чуваме тоа сеќавање. Не само денес, кога положуваме венци и се поклонуваме пред нивниот спомен, туку секој ден, со дела, со одговорност и со грижа за градот и државата што им ја должиме на идните генерации.
На семејствата на загинатите бранители им упатувам длабока почит и благодарност. Ниту еден збор не може да ја надомести празнината што ја носите 25 години. Но, едно мора да го знаете, вашите најмили не припаѓаат само на вашите домови, тие припаѓаат и на Прилеп и на цела Македонија.
Наша обврска е да ги паметиме и да им раскажуваме на младите генерации кои беа тие и зошто нивните имиња заслужуваат да се изговараат со гордост. Не за да создаваме поделби и омраза, туку за да ја разбереме вредноста на мирот и никогаш повеќе да не дозволиме ваквите трагедии да се повторат.
Затоа, нашата најголема почит кон нив нека биде Македонија што ќе ја градиме заедно, со единство, со правда, со достоинство и со меѓусебна почит.
Зашто, Македонија не се гради само со патишта, училишта, болници и институции. Македонија се гради и со паметење. Со почит. Со одговорност.
Вечна слава на хероите од Карпалак!” – истакна прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.
Нека е вечен нивниот спомен!
Да живее Прилеп!
Да живее Република Македонија

















