Мицкоски: Овие 36 години имаше и многу предизвици од кои излегувавме посилни
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, денес од Струмица по повод 36 роденден на ВМРО-ДПМНЕ кој се одбележува под мотото ,,Македонија забрзува, наша обврска“, во обраќање пред присутните на настанот истакна дека кога една политичка организација е создадена од народот, за народот и во служба на народот, тогаш ниту времето, ниту предизвиците, ниту нападите не можат да ја скршат.
,,На овој роденден сакам да посочам дека ова е сведоштво дека една идеја родена пред 36 години продолжува да живее, да расте и да се развива. Ова е доказ дека кога една политичка организација е создадена од народот, за народот и во служба на народот, тогаш ниту времето, ниту предизвиците, ниту нападите не можат да ја скршат. Вечерва ја славиме истрајноста. Ја славиме вербата, надежта и љубовта кон Македонија“, кажа Мицкоски и додаде:
,,Во овие 36 години имаше многу тешки моменти. Имаше порази, имаше неправди, имаше разочарувања, имаше моменти кога многумина мислеа дека е полесно да се откажеш отколку да продолжиш понатаму. Но секогаш кога некој мислеше дека сме паднале, ние станувавме посилни. Секогаш кога некој мислеше дека сме поразени, народот ни даваше нова сила. Секогаш кога некој сакаше да ја оттурне Македонија назад, се појавуваа луѓе кои беа подготвени да водат, да поведат напред“ истакна Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека разликата е јасна, опозицијата мисли дека се родени за да бидат на власт, а ние од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека сме предодредени да работиме и се жртвуваме за својот народ, граѓаните, каузата и татковина.
,,И јасно се отцртува границата и разликата. Тие од опозицијата мислат дека се родени за да бидат на власт, ние од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека сме предодредени да работиме и се жртвуваме за својот народ, граѓаните, каузата и татковина. Затоа и нашата сила доаѓа од народот. Тоа е така сега, но тоа така било и низ вековите. Нашата задача е борба во она што веруваме и се додека сме силни обединети и правиме добро за државата тогаш татковината ќе има сила“ нагласи Мицкоски.
















