Синоќа во Прилеп свечено се крена завесата на 60. јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“
Синоќа во Прилеп свечено се крена завесата на 60. јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“- најзначајната театарска манифестација во Македонија и гордост на нашиот град. Шест децении Прилеп е дом на македонската театарска уметност, место каде што се слават креативноста, талентот и културните вредности што нѐ обединуваат. И оваа година фестивалот пред публиката ќе понуди богата и квалитетна програма, со 9 претстави во официјалната натпреварувачка селекција, а честа да го отвори јубилејното издание вечерва ја имаше Драмскиот театар од Скопје со претставата „Мачкина глава“.
“Во присуство на Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, бројни гости, театарски уметници, културни работници и нашата верна и прекрасна прилепска публика, вечерва заедно испраќаме силна порака дека театарот живее, обединува и инспирира.
Со особена почит им оддаваме признание на сите генерации актери, режисери, драматурзи, организатори, директори и културни работници кои во изминатите шест децении го создаваа, негуваа и издигнуваа фестивалот „Војдан Чернодрински“ до неговото денешно значење. Нивниот труд и посветеност се втемелени во културниот идентитет на Прилеп и Македонија.
Упатувам искрени честитки и до добитниците на наградите за животно дело, како заслужено признание за нивниот исклучителен придонес во македонската театарска уметност.
Како град домаќин, остануваме посветени на обврската да го чуваме, поддржуваме и развиваме овој фестивал, за и идните генерации да го доживуваат како светилник на културата, уметноста и духовните вредности.
Нека е честит и успешен 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“!
Добредојдовте во Прилеп, градот на театарот” – истакна прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.


















