За многу години: Денеска е Велика Сабота – денот кога се наоѓаме во мугрите на светлото Христово Воскресение!

Сподели го ова:


Денеска е Велика Сабота, денот кога се наоѓаме во мугрите на светлото Христово Воскресение! Откако Христос дојде од небото на земјата, денес слегува од земјата во адот. Вратите на адот се отвараат, упокоените од века се радуваат. (текстот за објавата продолжува веднаш после рекламата)

Да побрзаме и ние мисловно да слеземе во адот, за да видиме како Он таму со Својата сила ја одзема силата на тиранинот, и како со самата светлина, без оружје, ги разоружува силите на смртта; како ја разбива вратата и ја отвора со крсното Дрво; како ја згазува змијата и ја обесува за глава, ја срушува преградата, ја умртвува смртта, ја уништува трулежноста и го преобразува човекот во неговото првобитно достоинство.

Денес Христос е во адот, избавувајќи ги душите кои таму се мачеле. И, еве, на средината од храмот е поставена Плаштаницата која е икона: и на страдањата, и на осаменоста, и на отфрленоста и, на крај, на смртта Христова како конечна победа над злото. На трогателната Утрена богослужба во нашата обител, стоејќи пред гробот, братството заедно со многубројниот верен народ ги пееа погребните тропари од великопеточните статии, созерцавајќи ја Христовата смрт. Кружејќи трипати околу црквата со Плаштаницата во торжествена литија, многубројните верници упатија молитвен крик од своите срца до Животодавецот, Кој сега е мртов по тело. Неговото слегување во адот е средба на Животот на сите со смртта на сите:

„Си слегол на земјата да го спасиш Адама, но не наоѓајќи го на земјата, Владико, дури до адот си слегол, барајќи го“.

Во боголужбените песни, жалоста и радоста како да се борат една против друга и сега радоста, веќе, почнува да победува. Пасхалната радост започна да го осветлува богослужението уште на Малото повечерие, што дојде до потполн израз во тропарот:

„Тварта нека се радува! Нека се веселат сите родени на земјата, зашто адот непријател е запленет. Жените мироносици нека Ме помазат; прародителите Адам и Ева ги избавувам и во третиот ден ќе воскреснам“.
Така, одекна радоста и на денешната претпладневна богослужба, кога, стоејќи сред храмот пред Епитафот, кој, всушност, го изобразува Гробот Христов, со Неговото мртво тело внатре, старецот, архимандрит Партениј, отслужи Божествена Василиева Литургија во сослужение со останатите свештеномонаси од нашето братство. Оваа прекрасна литургија, единствена во годината што се служи надвор од олтарот, беше, навистина, ретко возвишено доживување. Старецот, како најава на Воскресението, фрлајќи цвеќина за време на великиот воскресен прокимен: „Воскресни Боже, помогни ни и избави нѐ, заради славата на Името Твое“, им посака добра Пасха на присутните верници. На крајот, со скрушеност и благоговение, тие се причестија со Светите Тајни Христови, за, имајќи Го во себе Христа, радосно да го прослават Неговото Воскресение.

Затоа молитвено, достоинствено и со голема благодарност кон нашиот Творец да ја поминеме оваа Велика и најсвета Сабота, верни, бидејќи таа е ден кој го соединува Великиот Петок, т.е. Тајната на Крстот, Страдањата и Смртта на Спасителот, со светото Воскресение, денот на Неговото станување од Гробот, денот на победата на Животот над смртта.

Премилосрден Христе, наоѓајќи се сега на прагот од Твојата конечна победа над смртта, не оставај нѐ во овие последени моменти, но како што досега, поради Твојата љубов и милосрдие си нѐ укрепувал во нашите подвизи, така удостој нѐ и во претстојната вечер, со срце целосно исполнето со небесна светлина, да се поклониме на Твоето славно Воскресение!





Сподели го ова:

Слични објави