Во Прилеп започнува „Dulcia Sonant“, прв фестивал на рана музика во Македонија
„Dulcia Sonant“, прв фестивал на рана музика во Македонија – претставување на учесниците
Национална установа Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп со особена чест и доза на позитивна гордост го најавува и ве поканува на фестивалот за рана музика „Dulcia Sonant“, прв од ваков вид кој се одржува во Македонија.
„Dulcia Sonant“ преведено како “The Sweetness Sounds“ или „Благозвучие“, поетски го одразува духот на фестивалот – тивки, длабоки и моќни звучни светови кои нè водат кон заборавени предели полни со убавина. Фестивалот отвора нов простор за слушање на музиката од минатите векови и го истражува нејзиното влијание и врските со македонското културно наследство, преплетувајќи го со поширокиот европски духовен и уметнички контекст.
Прва фестивалска вечер – „Помеѓу Кукузел и Палестрина“. Концерт на хорска музика кој го спојува византискиот и ренесансниот израз, правејќи компарација и музичко претставување на сакралната музика на западната и на православната (источна) европска музичка оставштина.
Изведувачи ќе бидат хоровите „Света Петка“ и „Пелагонитиса“, двата под диригентство на протопсалтот и професор Гоце Секулоски.
Црковниот хор „Света Петка“ од Прилеп е формиран во 2015 година од протопсалт м-р Гоце Секулоски и ја негува литургиската музика и македонската хорска традиција. Хорот настапува на фестивали и културни манифестации, а учествувал и во музичкото ЦД „Стихири на Рождество Христово“ и мултимедијалното ДВД „Крепост и Достолепие Македонски“. Во својата програма изведува дела од рана музика, православна традиција, како и композиции на македонски и странски автори, вклучувајќи Палестрина, Бирд, Алеманов, Архангелски и Христов. Заедно со потесниот состав ансамбл „Пелагонитиса“, хорот ги промовира убавината и богатството на македонската хорска музика.
Вокалниот ансамбл „Пелагонитиса“ од Прилеп, формиран во 2000 година под раководство на протопсалтот Гоце Секулоски, се посветува на изворното источно-црковно пеење и развојот на литургиската музика во Македонија. Настапувале на бројни фестивали и културни манифестации, како и на богослужбени собранија во Македонија, Бугарија и Србија. Ансамблот е познат по промоција на македонската традиција во интерпретацијата на црковната музика и настапува како потесен, камерно ориентиран состав.
![]()
16. октомври, четврток, 20:00 часот
Кино „Мис Стон“, НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп
Втора фестивалска вечер – „Средновековни еха“ – концерт кој ќе биде музичко и духовно патување низ звуците на Codex Calixtinus, Codex Las Huelgas, Llibre Vermell de Montserrat – неисцрпни музички богатства на шпанската и европската средновековна традиција.
Во рамки на овој концерт македонската публика ќе има уникатна можност за прв пат да ги чуе во живо звуците на органетото – редок инструмент од 14–15 век, чиј автентичен звук го оживува духот на времето. На „Средновековни еха“, звуците на органетото во дијалог со гласот, ќе ја разлеат убавината на едно одамна замолчено време, откривајќи дел од музичкото наследство што долго чекаше да биде слушнато.
Низ патувањето наречено „Средновековни еха“ ќе не водат Кристина Алис Раурик (Шпанија) на портативна оргула (organetto) и Ана Митоска – глас.
Кристина Алис Раурик е афирмирана интерпретаторка, истражувач и педагог од Шпанија, специјализирана за средновековни клавишни инструменти како портативна оргула (органето), клавицимбалум, клавицитериум и средновековни оргули. Во 2014 година, ја изработува првата светска реконструкција на портативна оргула од 13 век, заедно со истражувачот Валтер Кинаља. Како солистка и член на ансамбли како Vetera, La Douce Semblance, Rue des Chantres и Ipsum Femina настапувала низ Европа и Северна Америка, снимајќи за радио и телевизија. Кристина е и педагог – професор е на Центарот за средновековна музика во Монпелје, Франција, асистент-директор на курсот за средновековна музика во Бесалу, Каталонија. Таа е, исто така, и доктор по музикологија на универзитетот во Вирцбург, Германија. Нејзините настапи се познати по емоционалната длабочина и историската веродостојност, пренесувајќи ја публиката во музичкиот свет на средниот век.
Ана Митоска е македонски сопран со богато искуство како солист и во работа со ансамбли. Нејзиниот репертоар ги вклучува средновековната, ренесансната и барокната музика, музика на современи композитори, како и изведби на композиции за театар и филм и традиционална музика. Настапувала на бројни фестивали и во театарски продукции, соработувајќи со меѓународни и домашни музички ансамбли и пијанисти.
![]()
17. октомври, петок, 20:00 часот
Кино „Мис Стон“, НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп
Влезот на двете вечери од фестивалот „Dulcia Sonant“ е слободен.
![]()
![]()
![]()
Соработници вклучени во фестивалот:
Водител – Илија Волчески
Дизајн на сцена – Бојана Артиновска
Дизајн на плакат – Наташа Каравилоска
Фотографии и видео – Civette Production
Светло и звук – CLS Equipment
Фестивалот на рана музика „Dulcia Sonant“ се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам на Македонија во рамки на неговата годишна културна програма.
















