ВИДЕО: Жалосно! Гори Мариово- се заштитуваат селата и куќите

Сподели го ова:





























Претседателката на Советот на Општина Прилеп, Ирена Стерјовска Локвенец, истакна дека деновиве Прилеп се соочува со еден голем предизвик, со пожарот што ја зафати областа Мариово.

„Веќе неколку дена Кризниот штаб заседава континуирано каде што ги координираме активностите на терен со надлежните служби за интервенирање при пожар на отворено. Постојано сме и во комуникација со градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески кој со делегација е во работна посета на Шведска за насоки и примери за одржливо управување со отпадот на локално ниво и се координираме за одлуките кои ги презема Кризниот штаб.

Моменталната состојба од терен говори дека критично е кај с. Крушевица, од два фронта. Таму е поголема противпожарна екипа, на која денеска им се придружи и Армијата со 50 луѓе, претставници од специјалните единици на полицијата, кои вложуваат натпросечни напори овој пожар да не слезе до селото и де не излезе од контрола. Синоќа констатиравме дека нема опасност од пожарот кај с. Пештани затоа што се движеше во друг правец, меѓутоа, ветрот го промени правецот на пожарот и таму веќе се лоцирани противпожарни екипи за безбедност на жителите, за да не стигне пожарот до селото. Пожари има и под репетиторите кои се наоѓаат кај с. Штавица, огнот кој што слегува надолу, за среќа, ја нема опфатено боровата шума. Но, тука се луѓето од ЈП Национални шуми и ТППЕ-Прилеп, како и од ТППЕ од нашите соседни градови и од другите градови на Македонија. Во оваа прилика сакам да изразам огромна благодарност за поддршката. Пожар има и над манастирот Прилепец, но манастирот не е загрозен и се следи состојбата.

Ако вчера велевме дека линијата на отворениот пожар е 20 км, денеска таа е повеќе од 25 км, а површината која е зафатена од овој пожар надминува 8 000 хектари. Гори ниско стеблеста шума, која прави голем, густ чад што ја отежнува работата на терен и како на пожарникарите, така и на водушната поддршка, која што ја имавме овие денови. Вчера имавме хеликоптер и авион, а денеска имаме само еден авион, поради појава на пожар на друга локација во Македонија – така одлучи ЦУК. Во моментов имаме на располагање 150 луѓе, ни помага Здружението од Битола „Архангел Михаел“ а денеска ќе се вклучи во делувањето и прилепското Здружение „Картуш“.

Нема простор за паника и загриженост, нема потреба од доброволци засега, затоа што потребни се професионалци на терен кои имаат соодветна опрема, а тука е и месното население кое помага. Што се однесува до амбиенталниот воздух изминативе денови, параметрите за квалитетот на воздухот е во рамките на нормалата и нема простор за загриженост“, -изјави Ирена Стерјовска Локвенец, началник на општинскиот Кризен штаб и Претседател на Советот на Општина Прилеп.

Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, кој е на службено патување поврзано со примена на практики за здрава животна средина, соопшти дека максимално ја следи ситуацијата.

“Иако моментално со градоначалникот на Битола, претставници од Општинската администрација и ЈКП Комуналец сме во работна посета на Шведска, за подобрување на услугите во општината и комуналните претпријатија за здрава животна средина, како дел од проектот ,,Одржливо управување со отпадот на локално ниво”, сакам да ве уверам дека континуирано ја следам ситуацијата со големиот пожар кој ја зафати областа Мариово. Како градоначалник на Прилеп остварувам постојана комуникација со Општинскиот кризен штаб и со сите надлежни институции и екипи кои неуморно, деноноќно се борат со огнената стихија. На терен активно се ангажирани противпожарните единици, Армијата на Република Македонија, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, воздушната поддршка, МВР, Национални шуми, медицинските екипи, Црвен крст, месното население и доброволни противпожарни здруженија. Благодарение на нивната работа, ситуацијата е под контрола и досега не дозволивме пожарот да зафати населени места или објекти.”-соопшти градоначалникот Борче Јовчески.




Сподели го ова:

Слични објави