ВЕЌЕ НИШТО НЕ Е КАКО ПОРАНО: Цената на тутуно-берачите се зголеми на 290 денари/час во Прилеп и прилепско
Тоа што се очекуваше, веќе и се оствари, а воедно сето ова претставува реалност во последниве неколку денови. Недостатокот од работна сила на “тутуно – берачи” кои работат на приватни ниви, а за нивната физичка услуга наплаќаат по час, направи да “скокне” цената на нивниот труд.
Имено, во Прилеп и прилепско цената се зголеми за нови 40-50 денари/час за физичките услуги на овие “тутуно – берачи”, или во јавноста познати како “аргати” (збор што искрено не е пријатен, и не е баш соодветен за терминолошкa идентификација на овие луѓе кои чесно си го заработуваат лебот).
Врз основа на информациите кои што ги добиваме од терен, како и врз основа на информациите кои што пристигнуваат до информативниот тим на “STANICA.MK”, ако цената претходно се движеше од 220 до 240 денари за еден час, сега таа цена изнесува околу 290 денари, а сето тоа зависи од т.н. “привиден пазар” на кој што се договара цената помеѓу сопствениците на нивите и “тутуно – берачите”.
Прилепските “тутуно – берачи” се задоволни од оваа цена, меѓутоа кај сопствениците на нивите кои садат тутун на големи површини, за “STANICA.MK” истакнуваат дека оваа цена од околу 290 денари за еден час физичка работа кои последниве денови ја плаќаат на “тутуно – берачите”, за нив е неисплатлива, меѓутоа немаат многу избор, бидејќи се појавува недостиг на работници, а тутунот треба да се бери бидејќи можно е за некоја недела да “падне слана”, и со тоа да заврши нивната работа, а тутун – иако е Септември, имало во изобилие.