Усвоен е Буџетот на Општина Прилеп за 2026 година, насочен кон подобар квалитет на живот и конкретни проекти за граѓаните

Сподели го ова:































Усвоен е Буџетот на Општина Прилеп за 2026 година, во градот под Марковите Кули.

“Денеска, на прагот помеѓу една завршена календарска година и почетокот на нов инвестициски и развоен циклус, пред нас претстои многу работа и бројни проекти кои заеднички ќе ги реализираме. Продолжуваме со реализација на конкретни проекти насочени кон поквалитетен живот за граѓаните на Прилеп. Продолжуваме заедно да ја градиме нашата сегашност и иднина. Во таа насока, сакам искрено да им се заблагодарам на сите советници кои го поддржаа и го изгласаа Буџетот на Општина Прилеп за 2026 година.

Проектираниот вкупен Буџет на Општина Прилеп за 2026 година изнесува 2.472.428.114 денари, што во споредба со Буџетот за 2025 година претставува зголемување од 411.061.175 денари. Приходите на Основниот буџет за 2026 година се проектирани во износ од 1.174.573.920 денари, што е зголемување од 377.752.737 денари, односно 32,13 % во однос на претходната година. Со учество на капиталните расходи во износ од 696.188.920 денари, односно 59,27 %, Основниот буџет за 2026 година има изразен развоен карактер.

Во Буџетот за 2026 година приоритет им даваме на капиталните проекти финансирани од централниот буџет, меѓу кои се:

-кружниот тек кај мостот „Табана“,

-изградбата на улица „Победа“ и новиот мост на истата улица,

-реконструкција и изградба на водоводна мрежа во градот и населените места,

-реконструкција и проширување на улици,

-изградба на обиколница Исток,

-доизградба на фабриката за отпад во депонијата Алинци,

-рехабилитација на 20 км сообраќајна инфраструктура,

-мултифункционално плато кај Могилата на непобедените,

-изработка на нов Генерален урбанистички план за Прилеп (2028–2038),

-фотонапонска централа на прочистителната станица,

-уредување на индустриските зони,

-поставување урбана опрема и полуподземни контејнери на 21 локација,

-дигитализација и унапредување на системите за управување со водата,

-изградба и реконструкција на спортски игралишта и друга јавна инфраструктура.

За првпат, во Буџетот за 2026 година предвидуваме еднократна парична помош од 3.000 денари за секое запишано прваче, како поддршка кон семејствата.

Ги зголемуваме средствата за поддршка на културата, спортот и физичката култура, за кои се издвојуваат 24.985.000 денари, од кои:

-12.000.000 денари за спортски клубови,

-500.000 денари за стипендии за млади талентирани спортисти,

-10.985.000 денари за културни манифестации,

-1.500.000 денари за набавка на куќарки и тезги за културни настани и базари,

-3.000.000 денари за реконструкција на спортски игралишта.

Во Буџетот за 2026 година значително се зголемува и финансирањето на:

-основното и средното образование – 1.037.410.043 денари,

-социјалната заштита на деца и стари лица – 216.268.597 денари,

-градската библиотека – 14.097.711 денари,

-противпожарната заштита – 65.137.000 денари.

Со реализацијата на капиталните расходи, во локалниот бизнис сектор ќе се вратат приближно 12 милиони евра, што ќе даде силен импулс за развој на локалната економија.

Само заедно, со транспарентност, доверба и јасна заедничка цел, можеме да го направиме Прилеп пример за современа, просперитетна и грижлива општина и да изградиме пофункционален, поубав и поодржлив град во 2026 година” – истакна прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.




Сподели го ова:

Слични објави