Убавина! Нов мурал од денеска ќе го краси ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“
Во дворот на ООУ Кире Гаврилоски – Јане, од денес ќе ве пречека еден посебен уметнички израз – новиот мурал посветен на ликот и делото на Кире Гаврилоски – Јане.

“Овој мурал е рачно насликан и е замислен како спој меѓу историјата и современиот израз. Целта беше не само визуелно да го разубавиме просторот, туку и да потсетиме на важноста од зачувување на споменот за луѓето кои дале сè за слободата и иднината на новите генерации.Процесот на изработка траеше една седмица а секој потег со четката беше направен со многу љубов, почит и инспирација. Се надеваме дека ова дело ќе биде извор на гордост и мотивација за сите ученици, наставници и посетители, но и повод почесто да се потсетиме на храброста и посветеноста на луѓето како Јане. Муралoт не е само украс. Тој е визуелен потсетник за храброста, истрајноста и љубовта кон татковината. Преку оваа уметничка интервенција, просторот доби нова димензија – место што нè потсетува на вредностите што треба да ги негуваме, но и што инспирира креативност кај учениците и посетителите” – истакнаа од ООУ Кире Гаврилоски – Јане..
“Создавањето на овој мурал го доживеав како чест, но и како лична одговорност. Сакав преку боја и форма да пренесам достоинство, тишина и сила – токму она што го носи ликот на Јане. Тоа не беше само сликање на ѕид, туку визуелно оживување на споменот што треба да живее во секое дете што чекори низ овој двор.“Да им го претставам Јане не само како име на училиштето, туку како вистински лик со идеал” – вели наставничката Анита Јовеска, автор на делото.














