Синоќа во Прилеп свечено беше спуштена завесата на јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Сподели го ова:





























Со свеченото доделување на наградите синоќа беше спуштена завесата на јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“! Фестивал кој шест децении претставува еден од најзначајните столбови на македонската култура и театарска уметност.

“Изминативе фестивалски денови Прилеп повторно беше град на театарот, уметноста, инспирацијата и креативниот дијалог. На сцените во нашиот град се сретнаа врвни театарски остварувања, уметници и љубители на театарот од целата држава, потврдувајќи уште еднаш дека Прилеп живее со театарот и дека фестивалот „Војдан Чернодрински“ е дел од идентитетот на градот и неговите граѓани.

Чувствувам особена гордост што токму Прилеп веќе 60 години е чувар на ова непроценливо културно наследство. Овој јубилеј е сведоштво за посветеноста на генерации уметници, организатори, институции и граѓани кои го граделе угледот на фестивалот и го претвориле во препознатлив симбол на македонската култура.

Упатувам искрени честитки до сите наградени уметници и ансамбли, како и до сите учесници кои придонесоа за уште едно успешно фестивалско издание. Честитки и до организаторите, селекторите, жирито, техничките екипи, волонтерите и сите кои беа дел од оваа голема културна приказна.

Особено радува успехот на нашиот народен театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, кој годинава освои награди во дури пет категории. Ова признание е потврда дека и покрај бројните предизвици и тешките услови, трудот и посветеноста на нашите уметници создаваат вредности кои се препознаваат и се наградуваат.

Можеби многумина ќе имаат критики на оваа објава и да, секое мислење заслужува внимание, но наместо да се задржиме само на критиките, би сакал да ја поставам дилемата која треба сите да не поттикне на размислување: што секој од нас направил за оваа состојба да биде поинаква и подобра? Не само во театарот, туку и во сите области од живеењето во нашиот град.

Успешните приказни најчесто се раѓаат во тешки услови, а токму ваквите достигнувања покажуваат дека кога има знаење, љубов и посветеност, резултатите не изостануваат. Наша заедничка обврска е да создадеме подобри услови за работа, развој и напредок.

Општина Прилеп и во иднина ќе продолжи да биде поддржувач на фестивалот, затоа што веруваме дека културата е темел на идентитетот, а „Војдан Чернодрински“ е еден од најсветлите културни белези на нашиот град и нашата држава.

Како град, но и сите ние како поединци, мораме да продолжиме да се прашуваме,како да станеме подобри?” – истакна градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски.




Сподели го ова:

Слични објави