Синоќа во амфитеатарот во Прилеп со концерт на легендарната група „Мизар“ успешно се заврши традиционалната манифестација „Денови на Крали Марко“
Со прекрасна атмосфера, исполнет Амфитеатар во Варош и концерт на легендарната група „Мизар – Седмо откровение“, викендов успешно ја заокруживме традиционалната манифестација „Денови на Крали Марко“, во организација на Општина Прилеп.
Во изминатите денови, преку повеќе културни, едукативни и уметнички содржини, заедно ја одбележавме легендата за Крал Марко, симболот на Прилеп и на македонската историја.
Во прекрасниот амбиент на црквата „Св. Никола“ – Варош се одржаа ликовни работилници со ученици од основните училишта, инспирирани од легендите и преданијата за нашиот Крал, додека во Завод и Музеј – Прилеп најмладите имаа можност преку интерактивна и едукативна работилница да научат повеќе за историското и културното значење на Крали Марко.
Посебен белег на манифестацијата даде и фестивалот на планински филм „ЕХО патува – во Прилеп“, кој внесе дополнителна културна и уметничка вредност во програмата.
Завршницата на „Денови на Крали Марко“ донесе вечер исполнета со емоции, одлична музика и позитивна енергија. Амфитеатарот во Варош беше исполнет со публика која уживаше во моќниот настап на „Мизар“, под ѕвезденото небо и во единствениот амбиент под Марковите Кули.
Општина Прилеп и понатаму ќе продолжи да ги негува, промовира и афирмира културното наследство, традицијата и вредностите што нè обединуваат како град и народ.


















