Седми по ред меморијален ракометен турнир „Миле Нешкоски“

Денеска се одржува седмиот по ред меморијален ракометен турнир „Миле Нешкоски“. Миле беше почитуван од своите соиграчи, но и од ракометниот свет, кој го познаваше како храбар, борбен и одличен играч, кој секој го посакува во своите редови, бидејќи се карактеризираше како силен борец на ракометниот терен, одличен стрелец, со тимски дух, и голгетер…. Тој беше ракометен бренд, ракометна икона, чии ракометни дела Прилеп не ги заборави.

“Стoejќи пред споменикот на Миле Нешкоски, пред Универзалната сала, која е храмот на ракометот, истакнав дека ми е жал што Прилеп прерано загуби еден ваков ракометен борец, што денеска го немаме меѓу нас, и жал ми е што не можеме токму тука, во Универзалната сала да го одржиме турнирот посветен во негова чест. Се надевам дека условите ќе се променат, и оваа спортска сала ќе биде отворена за младите кои го сакаа спортот и ракометот, а спортската сала можеби во иднина ќе го носи и неговото име Миле Нешкоски, за да го памтиме вечно! Денеска во негова чест им благодарам на сите оние кои вложија енергија и посветеност, овој меморијален ракометен турнир да опстане и да се одржи. Лично, посакувам оваа ракометна еуфорија, да трае цела година, а не само кога ќе има турнир. А Општина Прилеп, и јас како градоначалник, секогаш ќе ја даваме максималната поддршка за ракометот, спортот и младите, бидејќи токму преку спортот, младите можат да учат за вистинските вредности: за дисциплина, соработка, меѓусебна почит, за фер-плеј и тимска игра, за споделување на победи, но и за прифаќање на порази. Во мое име и во името на Општина Прилеп, Ви посакувам успешен турнир! Нека победи најдобрата екипа!” – истакна прилепскиот градоначакник Јовчески.


















