Проданоски: Во ООУ „Климент Охридски“ е ставена во функција новата современо опремена сензорна соба и дефектолошките кабинети
Кога општествено одговорните компании и локалната самоуправа работат заедно, резултатот најмногу го чувствуваат оние за кои сите ние сме тука, нашите деца. Општествената одговорност има најголема вредност кога е искрена и преточена во конкретни дела. „ВИК“ е пример за компанија која покажува дека грижата за средината во која работи и создава е подеднакво важна како и успешното работење.
“Во ООУ „Климент Охридски“ ја ставаме во функција новата, современо опремена сензорна соба и дефектолошките кабинети во Центарот за поддршка во рамките на училиштето. Ова е простор создаден за децата со попреченост и посебни образовни потреби, место каде што со современи услови, соодветни средства и стручна поддршка ќе можат полесно да учат, да се развиваат и да го остваруваат својот потенцијал. Прилеп е најинклузивната општина во Македонија, но за нас тоа не е само признание, туку и обврска. Затоа продолжуваме да работиме за уште подобри услови и еднакви можности, што ги става децата и нивните потреби во преден план. Повеќе од 200 деца со посебни образовни потреби се дел од нашата општина, а наша обврска е да создадеме услови секое дете да биде прифатено, поддржано и вклучено.
Во детската градинка „Наша Иднина“, во населбата Вишне, добивме прекрасно уреден надворешен простор со детски реквизити, создаден за игра, дружење и безгрижно детство. А во Општата болница „Борка Талески“ се обезбедени нови детски креветчиња, со што се подобруваат условите за најмалите пациенти и за нивните родители во моменти кога најмногу им е потребна грижа и сигурност.
Три различни места, една заедничка порака, мораме да продолжиме да инвестираме во децата.
Затоа, огромна благодарност до „ВИК“ за нивната доверба, поддршка и конкретни дела.
Заедно покажуваме дека општествената одговорност претставува конкретни дела, а највредното дело е она што остава насмевка на детското лице и подобри услови за неговата иднина” – истакна прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.


















