Проданоски: Ова лето во Прилеп ќе се одржи Светско јуниорско првенство и Европско сениорско првенство во воздухопловно моделарство
Шеснаесетгодишниот Лука Најдоски е вистинско прилепско „чудо од дете“ и гордост на нашиот град. Лука е актуелен светски јуниорски шампион во воздухопловно моделарство, а воедно се наоѓа и на 13. место на светската сениорска ранг-листа за 2025 година, успех кој зборува сам за себе.

“На Светскиот куп во воздухопловно моделарство, во категоријата Ф1А – едрилици, во исклучително силна јуниорска конкуренција од целиот свет, Лука го освои првото место, уште еднаш потврдувајќи дека талентот, трудот и посветеноста секогаш носат резултати. Тој е член на прилепскиот воздухопловен клуб „Фил Феникс“, а моментално како средношколец се школува во Воздухопловната академија во Белград, на смерот за авиотехничари, ретка и дефицитарна професија во нашата држава. Неговата желба е јасна, иднината ја гледа во воздухопловството. Посебни честитки упатувам и до неговиот брат Дино, кој исто така успешно се занимава со овој спорт и е дел од оваа убава спортска семејна приказна која го промовира Прилеп на светско ниво. Нашата поддршка за Лука, за неговото семејство, за клубот „Фил Феникс“, како и за сите млади луѓе кои со своите успеси придонесуваат Прилеп да се гордее со нив, ќе остане постојана и искрена. Ваквите млади луѓе се пример и инспирација за сите генерации, доказ дека вербата во себе, вложувањето во спортот и знаењето се темел на секој голем успех.
Со особена чест најавувам дека Прилеп ова лето ќе биде домаќин на два значајни меѓународни настани:
Светско јуниорско првенство и Европско сениорско првенство во воздухопловно моделарство, кои ќе се одржат од 26 јули до 2 август на теренот во с. Веселчани, со учество на околу 45 репрезентации од целиот свет и над 450 натпреварувачи. Прилеп има иднина, затоа што има вакви млади луѓе кои се нашиот најголем капитал и најсилна инспирација!” -порача градоначалникот Проданоски.


















