Проданоски ги додели благодарниците на најдобрите од годинешниот карневал „Прочка 2026“
Денеска во големата општинска сала во Прилеп, симболично беше заокружен годинешниот карневал „Прочка 2026“

“Ова е можност да им се заблагодариме на сите учесници кои со својата креативност, труд и оригинални маски го збогатија карневалот и му дадоа посебен сјај. Како знак на благодарност за нивната посветеност, за наградените доделуваме ваучери за патувања, со кои прилепските маски ќе можат да учествуваат на карневалите низ државата, но и надвор од неа, промовирајќи го Прилеп и неговите традиционални вредности.
Посебна благодарност упатувам до учениците од основните и средните училишта, како и до сите карневалски групи кои беа дел од карневалското дефиле оваа година. Со своето учество придонесоа достоинствено да го одбележиме јубилејот – 25 години од карневалот „Прочка“.
Оваа година, сите заедно, локалната самоуправа, учесниците и организаторите, направивме сериозен исчекор во враќањето на квалитетот на карневалот.
На карневалот учествуваа повеќе од 1000 маскирани учесници од Прилеп и од други градови од Македонија, а го вративме и интернационалниот карактер, со учество на карневалски групи од странство.
Присуството на претседателот на Европската асоцијација на карневалски градови, Ларс Алгел, дополнително ја потврди сликата за одлично организиран карневал кој повторно се враќа на карневалската и туристичката мапа како препознатлив бренд, благодарение на својата традиција и уникатност.
За организацијата на карневалот, сместувањето на гостите и сите придружни активности, оваа година Општина Прилеп предвиде буџет од 1 милион денари, кој беше реализиран во целост. Иако станува збор за голем настан кој бара значително повеќе средства, успеавме успешно да ја организираме оваа манифестација.
Најважно е што карневалот добива нова димензија. Тој веќе прераснува во значајна туристичка атракција, а нашата цел е да продолжиме да го развиваме во тој правец – да го збогатуваме и да привлечеме уште поголем број посетители, не само од нашата држава, туку и од странство” – порача градоначалникот Проданоски.



















