По повод 10-годишнината на Бабам Битола, синоќа во Битола се одржа концерт за паметење

Сподели го ова:






























Вчера на 27.02.2025 година во Центарот за култура во Битола, се одржа незаборавна вечер исполнета со љубов и песни за незаменливата Битола. Настанот беше по повод 10-годишнината на Бабам Битола, а во соработка со Битолски Камерен Оркестар. Концертот беше насловен „За Мојата Битола“ – омаж на убавината, историјата и душата на нашиот сакан град.

На концертот, публиката уживаше во прекрасните песни за Битола, како и рецитали во изведба на битолски уметници. Вчера во Битола беше вечер полна емоции и уметнички дух.

“Кога започнав пред десет години не ни знаев дека ова денес ќе ми се случи но сонував. Мечтаев за таа „Бабам Битола“ во која сите ние ќе можеме да ја раскажеме приказната на нашиот град – онаа вистинската, полна со љубов, спомени и емоции. Битола не е само град. Битола е мирисот на липите на Шеталиште и Булевар, Битола е кафето на Широк Сокак, звукот на чекорите врз калдрмата во Старата Чаршија, песната на Тумбе Кафе и на Дембел Чаршија. Битола е нашата мајка, нашето детство, нашата иднина. Битола е најопејаниот град на светот, градот на конзулите, на клавирите, на пајтоните, на хероите како Стив и Елпида, градот на борците кои не се откажуваат, дури и кога животот ги става на најтешки испити како Марија кикбоксерката, Филип Кузмановски, Никола Митревски, Ато пожарникарот, Васко со авионот, Пеце со булдужерот, докторката Анастасија која ние ја познаваме од Паца и Мендо (денес и е роденден, среќен роденден докторке) и нашиот најголем јунак Пецката со тротинетот..

Сонувам уште за улица за Ајри обележје за Јонче и Мате, колоритен музички мурал за Сашка, сонувам да се вратат Пајтоните, песната на Тумбе Кафе, сонувам за Дембел Чаршија и Пекмез Пазар. Ви благодарам на сите за поддршката, им благодарам на институциите и спонзорите за помошта, им благодарам на Камерниот Оркестар и Андријана кои вечерва заедно со нашите естрадни уметници и рецитатори Чоре, Силвана, Билјана, Емилија, Јасна, Маја, Сефедин, Бојан и Димитар во друштво на градските од КУД Илинден, ни ја подарија „Мојата Битола“ на сите нас” – истакна Зоран Ѓорѓиев, од Бабам Битола.




Сподели го ова:

Слични објави