Општина Прилеп ја продлабочува економската и бизнис соработката со општина Бајрампаша во Истанбул
После неколку неофицијални разговори и остварени контакти со претставници на Општината, Општина Прилеп доби покана лично да ја посетат општина Бајрампаша за да се разговара за иницијативата за збратимување со Прилеп. Нашата општинска делегација престојуваше во општина Бајрампаша три дена, и оствари низа значајни средби со различни структури и претставници од регионот.

“Како што беше разговарано на средбите со градоначалникот на општината, почитуваниот господин Атила Ајданер и со претставниците на бизнис секторот, збратимувањето со сигурност би резултирало со економска, бизнис, културна и друга соработка помеѓу двете општини.
Веднаш после немилите сцени и настани од разорниот земјотрес кои што се случија во земјата, со длабоко жалење, во мојот говор пред градоначалникот, членовите на советот и сите присутни, изразив подготвеност дека нашата општина Прилеп ќе обезбеди финансиска помош во рамките на нашите можности и им понудивме друга помош и логистика доколку е потребно, а со тоа да знаат дека подадената рака значи дека нашата поддршка и солидарност веднаш ќе ја реализираме и дека нашите мисли во овие тешки мигови се искрено со нив!
Нашата Локална самоуправа преку соработка со други општини и градови има за цел зајакнување на врските помеѓу граѓаните и бизнисите. Унапредувањето на локалниот економски развој ќе овозможи отворање на нови работни места за нашите сограѓани а со тоа и зголемување и подобрување на животниот стандард.
Се сретнавме и разговаравме и со претставниците и членовите на македонските здруженија, а на наше посебно задоволство имавме конструктивни средби и состаноци со жителите на Бајрампаша кои што имаат потекло од општина Прилеп и се разбира населените места како Канатларци, Ерековци, Лажани, Десово и многу други. Ние им ги претставивме нашите идни планови и проекти за нивните родни места а од нивна страна бевме запознаени на кој начин би можеле тие да помогнат за нашата општина Прилеп и нашите сограѓани.
Во името на цела делегација од Општина Прилеп сакам да изразам огромна благодарност на сите кои што беа со нас во рамките на официјалната посета на Бајрампаша и за тоа што се погрижија да се чуствуваме како дома. Од близу 300 000 жители во оваа истанбулска општина, околу 10 % се по потекло од Република Македонија а голем број од нив токму од општина Прилеп. Братски подадена рака и искрена и добронамерна соработка која ќе има економски и културен бенефит за двете страни е нашата обострана и крајна цел” – истакна Јовчески.