Од утре, се замрзнува маржата на повеќе прехранбени производи, меѓутоа што со горивото??
Се замрзнува маржата на лебот, шеќерот и зејтинот на 5%, а на брашното, макарони, ориз, кравјо млеко и јајца на 10% во трговија на големо и мало, меѓутоа граѓаните прашуваат и кога ќе се намали и цената на горивото??
На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе Одлука за определување на највисока трговска маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција пред Владата.
„Во консултација со бизнис заедницата и по координација со надлежните институции донесовме Одлука според која започнувајќи од утре, заклучно со 30 септември 2022 година за леб бел- сечен на парчиња или цел, шеќер бел како и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) се утврдува трговска маржа во висина до 5% во трговијата на големо и до 5% во трговијата на мало. За брашно од пченица – тип 400 и тип 500,- макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% и јајца од кокошка за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец се утврдува трговска маржа во висина до 10% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало“ кажа министерот Бектеши.
Според Одлуката, како што кажа Бектеши, се предлага рабатот и надоместоците да не се одобруваат до 31 декември 2022 година.