Прилепскиот црковен храм “св.Преображение” се подготвува за храмовата слава

Сподели го ова:
























Прилепскиот црковен храм “св.Преображение”, или кај прилепчани познат како “Грчка црква” се подготвува за достојно прославување на црковната слава и големиот христијански празник св.Преображение. Овој православен, прилепски- црковен храм ги прави последните подготовки за црковната слава и литургијата која ќе се одржи оваа сабота на 19.08.2022 година, кога всушност е големиот христијански празник св.Преображение. Како и секоја година-така и оваа, се очекува сите прилепчани на овој ден да ја посетат оваа црква, да си присуствуваат на божествената литургија, да си запалат свеќа за свое, но и за здравјето на своите најблиски, бидејќи црквата е оној единствен патоказ по кој треба да се движиме.

Во однос на празникот св.Преображение, битно е да се нагласи дека според календарот на МПЦ се нагласува дека третата година од Својата проповед на земјата Господ Исус почесто им зборуваше на Неговите ученици за Неговото скорешно страдање, но и за Неговата слава после страдањето на Крстот. За да не ги раслаби Неговото страдање та да отпаднат од Него, Он, Премудроста, сакаше пред да се случат страдањата делумно да им ја покаже Својата Божествена слава. Затоа ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и излезе со нив ноќе на гората Тавор и овде се преобрази пред нив. И заблеска лицето Негово како сонце, а облеката му побеле како снег. И се појавија покрај Него Мојсеј и Илија, големите старозаветни Пророци. И видоа учениците и се восхитија. И Петар рече: Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме три сеници: една за Тебе, за Мојсеј една, а една за Илија.

Но додека Петар уште говореше, се оддалечија Мојсеј и Илија и сјаен облак ги опфати Господ и учениците и дојде глас од небото: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го.“ Откако го слушнаа овој глас учениците паднаа ничкум на земјата како мртви и останаа така лежејќи во страв додека Господ не им пријде и рече: „Станете и не бојте се“ (Матеј 17). Зошто Господ ги зеде само овие тројца ученици на Тавор, а не сите? Зашто Јуда не беше достоен да ја види Божествената слава на Учителот, Когошто тој ќе Го предаде, а Господ не сакаше него сам да го остави под гората, та да не може предавникот со тоа да го оправда своето предавство. Зошто се преобрази на гората, а не во долината? За да не научи на две добродетели: на трудољубие и богомислие. Зашто искачувањето на височина бара труд, а височината ја претставува височината на нашите мисли, т.е богомислието. Зошто се преобрази ноќе? Бидејќи ноќта е попогодна за молитва и богомислие одошто денот и ноќта ја закрива со темнина целата земна убавина, а ја открива убавината на ѕвезденото небо. Зошто се јавија Мосјесј и Илија? За да ја разбијат еврејската заблуда дека Христос е некој од Пророците, Илија, Еремија или некој друг – затоа Он се јавува како Цар над пророците, и затоа Мосеј и Илија се јавуваат како слуги Негови. Дотогаш Господ многупати им ја покажуваше на учениците Својата Божествена моќ, а на Тавор им ја покажа Својата Божествена природа. Тоа видение на Неговото Божество и слушањето на небесното сведоштво за Него како за Син Божји требаше да им послужи на учениците во деновите на страдањето Господово за укрепување на непоколебливата вера во Него и во Неговата крајна победа.




Сподели го ова:

Слични објави