Министерот Љутков: Kонзервацијата и реставрацијата на црквата „Св. Благовештение“ треба да завршат до крајот на годинава
Денеска, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и државниот секретар Марија С. Ѓоргова, беа во посета на Општина Прилеп каде заедно со прилепскиот градоначалник Борче Јовчески и пратениците Дејан Проданоски, Петар Ристески и Билјана Кузманоска, остварија работни посети во НУЦК Марко Цепенков, локалитетот Стибера, црквата св. Благовештение во Прилеп, како и манастирот Трескавец. При денешната посета во Прилеп, министерот ја посети Црквата Св. Благовештение, каде стана збор за проектот за конзервација и санација на иконостасот со вкупно издвоени 2.100.000 денари. Исто така, министерот го посети Манастирот Трескавец, како и Археолошкиот локалитет Стибера каде за истражувања за подобра туристичка презентација на нашето културно наследство, издвоени се 600 000 денари.
– Работите на капиталниот проект за конзервација и реставрација на црквата „Св. Благовештение“ треба да завршат до крајот на годинава. Треба да се изврши уште конструктивно зацврстување на носечката конструкција на иконостасот и конзервација и реставрација на резбата, за што се обезбедени 2,1 милиони денари, додека за соодветна туристичка презентација и промоција на археолошкиот локалитет „Стибера“, во тек се активности за тековно одржување. Археолошките истражувања на ова наше културно добро од највисок ранг ќе продолжат кон крајот на август – истакна Љутков.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков го посети и манастирскиот комплекс „Трескавец“ во Прилеп каде што треба да започне реализацијата на проектот за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Во изминатиот период овде беа реконструирани и опожарените конаци, а со тоа по повеќе од десет години се овозможи враќање на монашкото братство во овој комплекс.
– Во македонскиот духовен центар, манастирскиот комплекс „Трескавец“, наскоро треба да започне реализацијата на капиталниот проект на Владата и на Министерството за култура и туризам за конзервација и реставрација на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Основниот проект за санација и конструктивна консолидација на црквата, отстранување на влагата и реконструкција на подот е во завршна фаза. Очекувам во периодот што следува да се обезбедат сите дозволи за да можеме да почнеме со реализација на овој капитален проект, за кој за почеток обезбедивме 4 милиони денари. Во текот на 2026, пак, ќе се работи и на проектот за конзервација на живописот во црквата – рече Љутков.

Тој додаде дека овој комплексен проект ќе биде реализиран од мешани тимови од стручни лица од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп, Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Република Грција, Заводот и музеј – Битола, Националниот конзерваторски центар, ИЗИС и од Градежен факултет – Скопје.
– Сакам да им се заблагодарам на сите учесници во проектот, како и на докажаните експерти во областа на заштитата од Република Грција кои денеска и лично допатуваа овде, во Трескавец, за да се запознаат со состојбата и да направат увид во досегашната изведба на проектот – рече Љутков.
Во врска со Центарот за култура „Марко Цепенков“, министерот информираше дека во најкраток рок ќе биде постапено по забелешките од Државниот завод за заштита и спасување и објектот повторно ќе биде ставен во функција.

–

















