Кржеска: Oтвораме простор каде што преку песната, играта, носијата и музиката се среќаваат различни народи, култури и традиции
Синоќа во Прилеп се одржа главната фестивалска вечер на првиот меѓународен фолклорен фестивал „Итар Пејо“, кој на едно место ги обедини фолклорните традиции, песната, играта и музиката на учесниците од Македонија, Полска и Словачка.
Пред присутните гости и учесници се обрати претседателката на Советот на Општина Прилеп, Билјана Кржеска, која во своето обраќање им посака срдечно добредојде на гостите и истакна дека ваквите настани се значаен придонес за културниот живот на градот и за зачувувањето на традицијата.
„Денес отвораме простор каде што преку песната, играта, носијата и музиката се среќаваат различни народи, култури и традиции. А токму во тоа е убавината на фолклорот, тој нè потсетува дека, иако можеби зборуваме различни јазици, преку културата и уметноста сите можеме да се разбереме.“
Фестивалската вечер донесе богата програма и настапи исполнети со енергија, традиционални ритми и автентични фолклорни елементи, претставувајќи го културното богатство на земјите од кои доаѓаат учесниците.
Претседателката Кржеска во своето обраќање упати и благодарност до организаторите за нивниот труд и посветеност во создавањето на оваа меѓународна културна манифестација.
„Особена благодарност упатувам до организаторите за нивниот труд, посветеност и ентузијазам со кој го создадоа овој фестивал и го донесоа Прилеп на мапата на меѓународните фолклорни средби.“
Таа истакна дека поддршката на културата и традицијата е важен дел од грижата за развојот на градот, а вложувањето во вакви настани значи вложување во културното наследство и во иднината.
„Поддршката на ваквите настани е вложување во културното наследство, во младите, во уметниците и во иднината на Прилеп.“
Со своето прво издание ,,Итар Пејо“ испрати порака за пријателство, културна размена и заедништво, покажувајќи дека фолклорот има моќ да ги поврзува луѓето и народите, без оглед на границите и јазичните разлики.
Општина Прилеп упатува благодарност до сите учесници од Македонија, Полска и Словачка, до организаторите, уметниците, фолклористите и сите љубители на традицијата кои беа дел од оваа прекрасна фестивалска вечер.
Овој фестивал се надеваме дека ќе прерасне во традиција која секоја година ќе носи нови гости, нови култури и нови пријателства во нашиот град.


















