КОРУНОСКИ: ДАЛИ ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈАТА НА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ ТРАНСПОРТ ЌЕ БИДЕ ПОГУБНА ЗА МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ?
Деновиве во собраниска процедура влезе предлог законот за измени и дополнување на Законот за железнички систем, а со тоа и официјално започна процесот на либерализација на железничкиот транспорт во нашата држава.
Уште во 2017 година тогашниот министер за транспорт и врски Сугарески, со потпишувањето на договорот за пристапување на Македонија во европската транспортна заедница, де факто ја започна либерализацијата на железничкиот транспорт. Со тоа, Македонија превзеде обврска да го усогласи националното законодавство со европското законодавство од областа на железничкиот транспорт, односно да го отвори железничкиот пазар.
Тогаш недостасуваа одговори, дали пред да се потпише тој договор, Сугарески и Владата имале анализи и знаеле што би значело тоа за железниците во Македонија? Ако имале, сигурно требало да имаат план и стратегија како да ги подготват двете државни претпријатија за побезболно и поподготвено го дочекаат овој момент. Кога се мисли на подготовка, се мисли на инвестиции за набавка на нови локомотиви, возови, вагони, ремонтирање на постоечките, ремонтирање на пругите, структурно-организациски реформи итн. После 6 години од потпишувањето на тој договор, не видовме сериозни активности и реформи во тој дел, а во собраниска процедура веќе е поднесен законот, со кој и официјално ќе се отвори железничкиот пазар. Зошто во овие 6 години не се направи апсолутно ништо за да се подготват двете железнички државни претпријатија, спремно да ја дочекаат конкуренцијата на пазарот? Дали намерно и не се вложуваше во истите за овие 6 години, со што денес во вакви услови отворањето на пазарот би било погубно за македонски железници и за над 2000 вработени, кои патем не по нивна вина ќе бидат доведени во ситуација да стравуваат за нивните работни места?
Нови оператори ќе се појават само во товарниот транспорт, бидејќи таму се приходите, патничкиот транспорт засега не е интересен за операторите, така да патниците нема да видат некој бенефит од овој процес. Ако не се подготват претпријатијата, приходите посебно во делот на товарниот транспорт сериозно ќе се намалат, а тоа ќе значи дополнителни финансиски проблеми и отпуштања од работа.
Да се разбереме, никој не е против конкуренција, всушност конкуренцијата е здрава работа и треба да ја има. Но, имаше доволно време да се посвети внимание на железниците, да се превземат чекори и реформи за да истите бидат спремни за конкуренција. Отворањето на пазарот во железничкиот транспорт носи предности, но носи и сериозни предизвици и ризици. Либерализацијата треба да придонесе за подобра ефикасност, пониски трошоци и подобар квалитет на услугите за корисниците на железничкиот транспорт, но и зајакнување на конкуренцијата. Тоа ќе значи силна конкуренција за единствениот железнички оператор МЖ Транспорт АД, но и сериозни обврски за управителот со железничка инфраструктура ЈП МЖ Инфраструктура.
Да се надеваме дека државата има план и дека ваквите процеси нема да остават сериозни последици – истакна во својата колумна на м-р Игор Коруноски.