Кадиевска Војновиќ: ВМРО-ДПМНЕ бара усогласување на останатите плати, да се зачува животниот стандард, трошоците се покачени за сите граѓани
Владата најави кратење на 100 милиони евра непродуктивни трошоци и тоа е небулоза. Зошто воопшто постоеја тие? Буџетот се носеше во декември 2021 година, имавме енергетска криза, инфлацијата постоеше, а тие го креираа буџетот и планираа 100 милиони за непродуктивни трошоци на историски највисок буџет, изјави за „Бизнис плус“ на МРТ, маја Кадиевска Војновиќ, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа посочи дека и во 2021 година имавме историско трошење на стоки и услуги од 340 милиони евра, и затоа нека не се фалат дека кратат затоа што никој не знае каде заминале парите кои требало да завршат за капитални инвестиции или за раст на плати и посочи дека власта овие пари ги потроши во период кога постоеше инфлација.
– Спиралата инфлација и плати е веќе започната и тоа не од сега. Ние во целиот период во отсуство на економски успеси бидејќи немаме странски инвестиции, нема градежна офанзива и се фалат со раст на плати. Но тоа се што е вештачки направено како балон експлодира. Тој вештачки раст на плати се пренесе на финалните цени, изјави Кадиевска Војновиќ.
Кадиевска Војновиќ појасни дека растот на цени е резултат затоа што има раст на енергенси, раст на нафта, раст на електрична енергија за производство, раст на суровини за производство и тоа се пренесе на цените, а во исто време фирмите имаат намалување на продуктивноста.
Во врска со платите и фалбите на власта дека ги покачувала, таа посочи дека ВМРО-ДПМНЕ први побараа да се изедначат сите плати, затоа што трошоците се покачени за сите граѓани.
– Ние како опозиција укажавме дека треба да следи усогласување на платите, односно зголемување на останатите плати, затоа што ако имаме инфлација, таа е за сите. Потребно е да се усогласат платите за да се задржи животниот стандард, рече Кадиевска Војновиќ.
Во врска со корупцијата, таа посочи дека меѓународните истражувања покажуваат висока корупција и сива економија кои јадат голем дел од буџетот.
– Трошокот за економијата е голем, се замижува пред овие работи. Ако имаме функционалност на институции, вистинска правда, некоруптивни политичари и даночна администрација ние ќе имаме повеќе пари во буџетот, изјави Кадиевска Војновиќ.