Јовчески решава проблеми на граѓани кои што цели 11 години не биле решени

После подолго време, одново непречено се одвива процесот на легализација на бесправно изградени објекти во општина Прилеп. Денес на терен помеѓу своите сограѓани прилепскиот градоначалник Борче Јовчески лично додели решенија, кои за жал чекале да бидат изготвени 11 години.
“Со формирањето на новата комисија во јуни годинава, активно се одвива теренскиот увид, со што во изминатите 4 месеци на лице место посетени се 230 бесправно изградени објекти чии барања за легализација ги исполнуваат нормите предвидени со Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Веќе се изготвени 102 решенија со кои сопствениците на овие објекти конечно си го решија статусот за докажување на сопственоста за нивните дивоизградени објекти. Мора да се напомене фактот дека начекавме околу 6000 барања кои што со сигурност можеме да кажеме дека во наредниот период ќе бидат разгледани сите и нема да остане ниту едно неразгледано барање. Ги замолувам сите наши сограѓани да бидат трпеливи, затоа што овој процес ќе продолжи понатаму со позасилено темпо и поголема транспарентност.” – истакна Јовчески.
Со легализацијата се опфатени барањата на граѓаните поднесени во 2011 година, како и дел од барањата што се однесуваат на 2016 и 2018 година од продолжениот рок.

















