Јовчески и Бумбароски кај “нашите” во општина Пустец – Aлбанија
Викендов, градоначалникот на општина Прилеп Борче Јовчески и советникот за млади при општината Гоце Бумбароски, ја посетија општина Пустец во Мала Преспа, Р.Албанија, на покана од градоначалникот г-дин Пали Колефски.
“На мое огромно задоволство се сретнав со голем дел од тамошното македонско население и изразувам огромна поддршка за нивните напори и истрајност, во негувањето и афирмацијата на македонската посебност и македонскиот национален дух. Воедно остваривме средба и со директорот на училиштето во Пустец, каде што разговаравме за нашe продлабочување на меѓуопштинската соработка во различни аспекти. Исто така го посетивме и музејот на Стерјо Спасе во село Глобочани, кој што е албански писател и критичар од македонско потекло.
Ја посетивме црквата “Свети Архангел и Михаил” која се наоѓа во центарот нa Пустец и “Пресвета Богородица” која се наоѓа на островот Мал Град, каде што имав срдечна средба со свештеникот Алексо Темелко, како и Манастирот Св. Марена во с. Туминец, кој воедно е духовно светилиште кое што плени со својата убавина, сместен во недопрена природа, веднаш покрај Преспанското езеро. Овој храм често е посетуван од голем број прилепчани кои несебично помагаат во секоја сфера од неговото опстојување. Овие природни убавини се надевам дека почесто во иднина ќе привлекуваат наши туристи, што е особено значајно и за Локалниот економски развој на овој регион. Мораме како држава а се разбира и ние како Локални самоуправи да градиме пријателски и добрососедски односи, врз кои што ќе биде базирана меѓусебната почит пред се и сите идни заеднички проекти” – истакна Јовчески.