ЈОВЧЕСКИ: Дискутиравме за важноста од имплементација на законот за млади, но и потребата од што побрзо отворање на Младински центар и Канцеларија за млади во Прилеп
Викендов, беше одржан семинар на тема ,,Закон за младинско учество и младински политики“ организиран од граѓанската организација Про Локал – Битола. Семинарот е во рамките на проектот „Зајакнување на младите од Пелагонија 2“ кој се реализира со финансиска поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија и пелагониските Општини (Прилеп, Долнени, Кривогаштани, Крушево, Могила, Демир Хисар, Новаци, Битола и Ресен). Преку овој проект ќе се реализираат инфраструктурни објекти од помал обем по предлог на младите од секоја општина.
“Со службеникот за млади во општина Прилеп и над 50 младинци од Пелагонискиот регион дискутиравме за важноста од имплементација на законот за млади, но и потребата од што побрзо отворање на Младински центар и Канцеларија за млади во Прилеп. Меѓу другото проектот „Зајакнување на младите во Пелагонија 2“ на младите ќе им пренесе знаење преку иновативни работилници на отворено, јавни дебати без предрасуди, симулации на седници на Совет, обуки и тренинзи на теми за личен развој кои ќе ги одржат домашни и странски експерти” – истакна Јовчески.
Предизвиците со кои се соочуваат младите од руралните места се различни од оние на младите луѓе во урбаните средини и токму затоа во рамките на проектот е креирана Регионална платформа за млади во која членуваат сите 9 општини и 9 граѓански организации со мандат заедно да ги решаваат проблемите кои ќе ги идентификуваат младите.