ИНТЕРВЈУ НА “STANICA.MK” СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА КАВАДАРЦИ-МИТКО ЈАНЧЕВ

Сподели го ова:
























Информативната екипа на информативниот портал “STANICA.MK”,  беше во посета на општина Кавадарци, каде направивме ексклузивно интервју со градоначалникот г-дин Митко Јанчев, човекот кој што општина Кавадарци ја води кон еден европски – модерен пат. На влезот во Кавадарци, како и низ самиот град, прекрасна глетка, убаво средени – асфалтирани улици, фонтани, паркови, зеленило, кружни текови… Со еден збор, градот функционира во еден природен, но сепак современ ритам. Откако градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев, пријатно не пречека во неговиот кабинет, го отпочнавме нашиот разговор…

Г-дине градоначалник Митко Јанчев, денеска започна првата фаза од реализацијата на договорот за реконструкција на локалниот пат во село Бохула со должина од 450 метри… Постојано нешто работите,  важите за доста успешен градоначалник, како и за човек кој што секогаш е отворен за своите граѓани…На што се должи ваквата констатација?

Најнапред сакам пред се, да Ви се заблагодарам што информативниот тим на информативниот портал “STANICA.MK” ја посети нашата општина, се со цел за да преку овој наш денешен разговор, ги информираме Вашите многубројни читатели за сето она што ги интересира самите нив, како и за актуелната ситуација на нашата општина. Во однос на Вашето прво прашање, сакам да нагласам дека мојата успешност како градоначалник на градот Кавадарци, произлегува пред се од мојата континуирана посветеност кон мојот град, како во претходниот мандат, така и во овој –новиот. Обично, јас сам за себе не говорам многу, оставам делата да говорат за мене како градоначалник, а делата ги препознаваат моите сограѓани. Исто така, успешноста во однос на менаџирањето, доаѓа и од успешното менаџирање и со мојата приватна компанија, каде што од моите 20 години успешно се вклучив во процесот на она вистинско менаџирање со истата, а стекнатото менаџерско познавање и раководење кое го стекнав таму, успешно го применувам и при менаџирањето со мојата општина.

Дали се согласувате дека Кавадарци како град се движи во еден Европски правец?

Па да, тоа е и целта. Мене единствена цел ми е граѓаните на Кавадарци да бидат задоволни и да се чувствуваат задоволно во својот град, а јас сум тука преку моето менаџирање, секогаш да им излезам во пресрет на нивните барања, да ги сослушам и да го изнајдеме најсоодветното решение, а тука се и проектите кои што ги ветив во мојата програма за наредните 4 години.

Кога сме кај програмата која што ја ветивте, отприлика колку од истата е реализирана во овој краток период откако повторно, по втор пат сте градоначалник на општина Кавадарци?

Еве, 6-7 месеци поминаа откако по втор пат граѓаните на Кавадарци, повторно ми ја дадоа нивната доверба за да менаџирам со градот, а јас пред нив излегов со конкретна – реална програма за наредните 4 години. При што за само 6-7 месеци откако сум повторно градоначалник, 30% од ветената програма е целосно реализирана, при што сметам дека до половина од овој втор мој мандат, ќе ја реализирам целокупната програма која што ја ветив пред моите кавадарчани, а после тоа ќе продолжам кон креирање и исполнување на нови програми и проекти, кои се разбира ќе бидат во интерес на градот Кавадарци. Во овие неколку месеци, се асфалтирани повеќе улици, извршена е реконструкција на фасади на стамбени згради, направено е поставување на нова урбана опрема на улици и игралишта, извршена е реконструкција на дел од фекална канализација, како и голем број на други останати проекти. Исто така, сакам да нагласам дека невработеноста во Кавадарци изнесува само 4%.

Имаме информација дека и двата хотели во Кавадарци се моментално полни, а сето тоа подразбира дека Кавадарци како град е примамлива дестинација и за туристите. Дали се согласувате со оваа моја констатација?

-Да, точно така, двата хотели во Кавадарци се полни со гости, и јас денеска пред малку ја добив таа информација. Во однос на прашањето, сметам дека Кавадарци како град е доста посетен и нуди голем број на културни содржини, посебно во летниот и есенскиот период, а тука се и винариите кои што исто така се примамливи за туристите кои доаѓаат во нашиот град.

Г-дине Градоначалник, еве и додека го правиме ова наше интервју со Вас, постојано Ве бараат, се гледа дека сте растрчани на безброј страни и посветени на својата работа. Врз основа на ова, сакам да Ве прашам кога имате слободно време, што Ве опушта најмногу, дали семејството, некој вид на музика, или…?

Се трудам и покрај сите обврски, да најдам време и за семејството, бидејќи тоа како и секој човек-најмногу ме опушта. Јас живеам заедно со мојата мајка, моите три деца и мојата сопруга. Најмалото детенце има само 4 години, па така да кога сум на терен, и кога сум преокупиран од обврски, а не сум сеуште вратен дома, доволно е да се видам преку вибер со моите деца, посебно со најмалата ќеркичка која доволно ми е да ми каже нешто-да ме релаксира минута-две, а после, сето тоа ми е доволно за да продолжам со моите работни обврски.

Веќе беше време да заминеме, а и градоначалникот имаше и еден куп обврски. На крајот на нашето интервју, Градоначалникот Јанчев искрено не поздрави, ни посака среќен пат за назад кон Прилеп, и изјави искрена надеж дека нашиот информативен портал и понатаму објективно и навремено ќе известува за сето она што го работи самиот тој како градоначалник и неговиот тим, за подобар, поуспешен и поубав град, онака како што кавадарчани навистина заслужуваат.

Ние, веднаш после интервјуто, ја напуштивме зградата на Општина Кавадарци, а додека аудио-снимениот материјал од направеното интервју со градоначалникот Јанчев го носевме до автомобилот каде што бевме претходно паркирани, се слушаше тивка музика на хармоника од еден кавадаречки музичар (пензионер), кој што ги забавуваше минувачите кои поминуваат наспроти општинската зграда. Тивката музика, зеленилото и мајскиот ветар кој што “привидно благо” дуваше во градот, создаваа едно необично-пријатно уживање. И како велат, големината на кавадарчани не е во нивната бројност, туку во нивното гостопримство и добрина. А ние, Ви препорачуваме што поскоро да ја посетите оваа општина, и да уживате во градот кој што говори за времето, виното, антиката и традицијата.




Сподели го ова:

Слични објави