Градоначалникот Саботковски за една година оствари многу повеќе во однос на она што го вети во изборната програма

Сподели го ова:



















Во однос на она што можеме да го забележиме на терен во општина Могила, може да се констатира дека градоначалникот на оваа општина Драганчо Саботковски, за една година оствари и реализира многу повеќе во однос на она што го вети во изборната програма. Имено, денеска во 11 часот, започна јавната презентација на отчетот за сработеното на Саботковски во изминатата година, на која што градоначалникот на општина Могила го истакна следново:

“Почитувани жители на општина Могила

Помина една година откако стапив на функцијата градоначалник на општина Могила и се обврзав пред вас граѓаните за оправдување на довербата која ми ја дадовте мене и на мнозинството во Советот.

Сакам на сите да ви се заблагодарам за соработката, поддршката и придонесот кон општина Могила.

Во една од најтешките години за локалните самоуправи, година на постковид ситуација, година на војна во Европа и голема енергетска и економска криза, успеавме да реализираме голем дел од проeктите кои ги ветивме.

Градиме чекор по чекор, работиме транспарентно и одговорно, а наша единствена цел е целокупен развој на општина Могила и подобрување на квалитетот на живот во сите населени места.

Твориме заеднички и секојдневно придонесуваме општина Могила да ја направиме подобро место за живеење на сите жители.

Општина Могила работи на реализација на бројни проекти од сите сфери на својата надлежност, но морам да напоменам дека сме соочени со бројни предизвици.

Долгот кој го наследиме иако е голем успешно го менаџираме веќе една година, половина долг е исплатен. Блокираните сметки на училиштата успеавме да ги одблокираме, ги намаливме долговите на Комуналното претпријатие за да може нормално да функционира.

Успеавме да воведиме нови проекти и реализиравме нови активности.

Во однос на инфраструктурата.

➡️Се асфалтира улица Широка во центарот на Могила, во должина од 1200 метри, изградени се тротоари од двете страни на улицата, атмосферска канализација и кружен тек, со што центарот на Могила се до излезот на село Могила доби еден урбан, модерен лик.

➡️За прв пат индустриската зона Петилеп започна инфраструктурно да се уредува.

Се изгради водоводот во зоната и ќе продолжиме со инфраструктурното уредување на зоната. Индустриската зона Петилеп е значајна за економскиот развој на општина Могила, затоа ќе покренеме иницијатива за нејзино проширување со цел отворање на нови работни места преку привлекување на домашни и странски инвестиции.

➡️Се санираа и тампонира над 6 километри улици во сите населените места во општината. До повеќе цркви и манастири, до спортски терени и непристапни патеки се тампонираа улици и им овозможија на жителите полесен пристап.

➡️Набавена е опрема за Мултифункциониот објект во село Могила, проект кој опфаќа доизградба и внатрешно уредување и опремување на повеќефункционален простор. Простор за нова библиотека, изложбен простор, опремен е делот во кој се склучуваат бракови и канцеларија за соработка со невладиниот сектор.

➡️На предлог на младите вклучени во проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ се изгради фитнес центар на отворено во село Могила финансиски поддржан од Амбасадата на Холандија и кофинансиран од Општина Могила.

➡️Со проектот ,,Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите” општинаската администрација направи репроценка на имотот, на објекти и градежно земјиште низ цела општина. Со проектот се подобрува квалитетот на планирање и наплата на изворни приходи на општината.

➡️Финанскиски ги поддржавме сите културни настани во општината и имавме богато културно лето Могила 2022. Со културните настани го негуваме македонскиот фолклор и даваме придонес за зачувување на македонскиот јазик, култура и традиција како носечки темели на македонскиот идентитет.

➡️Се одржа деветто издание на фестивалот на дуети Константин и Елена единствен од ваков тип во Македонија, кој финансиски е поддржан од општина Могила.

➡️Фестивалот на пејачи-аматери на народна песна во Добрушево се одржа по 41-ви пат, исто така поддржан од Општина Могила.

➡️Пелагониски музички спектакл во Могила и Меѓугенерациски спој беа дел од Културно лето Могила 2022.

➡️Општина Могила со одлука на Советот додели финансиска помош на сите црковни собири низ сите населени места во општина Могила.

➡️Оваа година се одбележа јубилеј 10-ти по ред Добрушевски средби. Иницијатор на отпочнување на Добрушевските средби и редовен гостин е Архиепископ Охридски и Македониски господин господин Стефан.

➡️Исто така обезбедивме финансиска поддршка за културно-уметничките друштва Фолклорен центар „Ансамбл Божилак “ Битола и „Етно Илинден“ Битола во кои учествуваат деца од повеќето населени места од општина Могила.

Обезбедени се простории каде вежбаат за своите настапи и децата од најмала возраст учат како да ги негуваат македонската народна песна и македонскиот фолклор. Секој настан организиран од Општина Могила го збогатуваат со нивните кореографии и настапи.

➡️Се одбележа Денот на општината со низа активности, положување цвеќе и доделување благодарници на најдобри земјоделци, производители, ученици и спортисти.

➡️Во однос на програмата за спортот ја зголемивме финансиската помош на сите спортски клубови во општината и финансиски ја поддржуваме фудбалската школа Еден на еден од Могила.

➡️Одбележавме јубилеј 45 години традиционален Турнир во мал фудбал, турнир кој од година во година прераснува во вистинска атракција во општина Могила и пошироко, кој е препознатлив бренд за нашата општина.

➡️За првпат во Могила се организираше меѓународен фудбалски Еден на еден Могила куп. 72 екипи се натреваруваа, над 1000 деца учествуваа, над 150 натрпревари се одиграа во три денови.

➡️По иницијатива на месното население ја поддржавме изградбата на помошни спортски простории, соблекувални во склоп на фудбалскиот терен во Ношпал и Долно Српци, и ќе продолжи поддршката за сите наредни иницијативи како и за најавените во Лознани и Мусинци.

➡️Се осветлија повеќенаменските игралишта во село Долно Српци и Вашарејца, со што се овозможи рекреирање на младите и во вечерните часови.

➡️Во мај во Могила се одржаа фудбалски натпревари со тимови од машка и женска конкуренција меѓу учениците од трите основните училишта од општината.

Ќе продолжиме да ги стимулираме натпреварите меѓу училишта во сите спортски категории.

➡️Во однос на програмата за социјална работа потпишан е договор за изградба на првата градинка во општина Могила со капацитет од 40 деца, покрај образовната улога важна и е социјализацијата на децата. Ова е навистина значаен и долгоочекуван проект за жителите на општина Могила.

➡️Eднократната финансиска помош за новороденчиња ja зголемивме на 5000 денари. Секоја наредна година ќе ја зголемуваме оваа финансиска помош.

➡️За прв пат доделивме еднократна финансиска помош од 3000 денари и прибор за првачињата, за децата со попреченост и децата од социјални семејства кои учат во основните училишта во нашата општина. Обезбедување поквалитетно образование за сите деца е еден од нашите приоритети.

➡️Во Могила, Добрушево и за првпат во село Долно Српци профункционираа центрите за ран детски развој, каде децата од предучилишна возраст се дружат и учат. Исто така набавивме училишен прибор за нормално функционирање и изведување на програмата.





➡️Со одлука на Совет исплатени се над 200 барања за помош кон социјално ранливите категории и барања за еднократна помош за лица со тешки болести.

➡️Со Црвениот Крст од Битола и Советот на Општина Могила направивме повеќе хуманитарни акции и ќе продолжиме да помагаме каде што е најпотребно. Секој заслужува подобри услови и достоинствен живот. Подготвуваме и програма за помош на стари и изнемоштени лица.

➡️Во соработка со Црвен Крст се реализираа бесплатни прегледи за жени во мобилна амбуланта во Могила.

➡️Со претставници од Националната платформа за женско претприемништво потпишавме Декларација за подобрување и унапредување на положбата на женското претприемништво.

➡️Во Могила се одржа првата трибина ,,Европски можности за македонското земјоделство” како дел од предизборната програма за Сет мерки ,,Информиран и образован земјоделец”.

Ќе продолжиме да поддржуваме настани кои се во насока на подобрување на земјоделството, а секако и подобрување на економската моќ на земјоделците. Земјоделците ја имаат мојата целосна поддршка.

➡️Училиштата во нашата општина благодарение на наставниците и директорите реализираат бројни проекти, а јас, како градоначалник, секогаш ќе ги поддржувам активностите со кои се подобрува квалитетот на образованието и се отвораат нови можности за младите генерации.

Во дел од училиштата низ општината пред почетокот на оваа учебна година се уредија училишните дворови, се направија тековни реконструкции и замена на веќе дотраени материјали во соработка со директорите, помошно-техничкиот персонал и ЈКП Пела хигиена со финансиска поддршка од Општина Могила.

➡️Во соработка со Универзитетот за туризам и менаџмент обезбедивме 15 стипендии за додипломски студии. Поддршката за талентираните ученици и спортисти ни е приоритет.

➡️За сите деца од основните училишта од општината обезбедивме Новогодишни паќетчиња и организиравме предновогодишна забава за деца пред општинската зграда и ќе ја продолжиме традицијата и оваа година.

➡️Ја продолжуваме поддршката за прославата на празникот Богојавление Водици, парична помош и награди од спонзори за среќните верници кои ќе го извадат Богојавленскиот крст.

➡️Јавното Комуналното претпријатие Пела Хигиена Могила изминатиов период работеше на ниво на задачата, интензивно работеше на почиста општина Могила. Високата цена на горивото и електричната енергија се предизвици со кои се соочуваме секој ден и заедно се трудиме да ги надминиме.

Ги вклучуваме сите расположливи капацитети и ресурси за интензивно чистење и подобрена услуга од комуналните служби.

– Спроведени се активности за чистење на речните корита.

– Со општинската механизација се работеше за да се донесе вода до црквата ,,Рождество на Пресвета Богородица” во село Мусинци.

– Интензивно одржување и уредување на фудбалските стадиони низ општината од страна на Комуналното претпријатие на ЈКП Пела Хигиена – Могила.

– Се расчисти дивата депонија на регионалниот пат Могила – Битола во соработка со ЈК Пела Хигиена Могила и ЈКП Комуналец Битола.

-Сите акции и иницијативи на жителите се поддржани, успешно се спроведе акцијата за пошумување до параклис ,,Св. Петка” во Ивањевци со која се засадија 2000 садници. Акциите за грижа за животната средина се обврска на секој од нас.

Продолжуваме со генерално чистење на општина Могила. Животната средина и чиста околина се на врвот на нашите приоритети.

➡️Во завршна фаза е изработката на трансформаторот во село Мојно за снабдување со струја на водоводната пумпа која го снабдува селото со вода. Десетина години жителите се соочуваат со егзистенцијален проблем, немање на вода, од причина што трансформаторорите кои беа поставувани беа мета на крадци, а повеќе од 2 години село Мојно остана без трансформатор. Сега набавивме нов кој ќе биде обезбеден и конечно ќе се нормализира водоснабувањето.

➡️Набавени се потопни пумпи за водоснабдување и во населените места Лознани, Новоселани, Трновци и Мојно. Со тоа честите дефеци на веќе дотраените пумпи од водоводите, во 90 % од населените места се минато.

Работиме на сите сфери за подобрување на условите за живот.

➡️Ќе се асфалтираат 3 улици во Српци, Беранци и Могила, во вкупна вредност од околу 6.200.000 денари со што ќе се подобри патната инфраструктура.

➡️Во наредната година ќе се асфалтираат улици и во другите населени места во вредност од 16.000.000 денари.

➡️Обезбедени се средства за изградба на дел од канализациона мрежа во село Добрушево во вредност од околу 2.500.000 денари.

➡️Исто така обезбедени се финансиски средства од 7.500.000 денари за реконструкција на објект на месната заедница во објект за претшколско образование и пензионерски клуб во село Добрушево.

➡️Направивме промена и надополнување на проектите за изградба на главен доводен цевковод за водоснабдување на индустриската зона Петилеп и на селата Беранци, Д.Српци, Ивањевци, Св. Тодори, Трновци, Вашарејца и Лознани финансиран од средствата од ТАВ Македонија. Со што ќе се пристапи на решавање на повеќе деценискиот проблем на жителите на овие села.

➡️Се соочуваме со енергетска криза која мора како локална самоуправа да наоѓаме решенија да ја менаџираме. Високите сметки за електрична енергија дополнително го исцрпуваат буџетот.

Сега плаќаме 5 пати повисоки сметки за струја, колку за споредба висината на сметките за струја кои се плаќале за 12 месеци во 2021, истата сума сега ја плаќаме за 2 месеци во 2022.

Апликација за поставување на соларни панели е во завршна фаза, планирано е поставување на панели на улилишниот кров на училиштето „Кочо Рацин“ во село Ивањевци и „Браќа Миладиновци “ во Добрушево и на спортската сала „Иљо Лопатички“ во Могила.

➡️Заедно со општина Битола и општина Новаци работиме на решавање на повеќе деценискиот проблем со организираниот превоз на жителите на општина Могила, пред се на средношколците и учениците, се залагаме претпријатието Пела Линк да го ставиме во функција во интерес на граѓаните.

Работиме посветено и одговорно, ги следиме сите повици за аплицирање за можни извори за надворешно финансирање.

➡️Поднесовме апликација во Јапонска амбасада за возило за собирање на комуналниот смет.

➡️Во Полска амбасада аплицирано е за повеќенаменско спортско игралиште во еден од училишните дворови.

➡️Исто така во план е изградба на повеќенаменски игралишта во училишните дворови во Ношпал, Трап/Будаково преку Центарот за пелагонискиот плански регион.

➡️Во Министерство за образование аплициравме за енергетско ефикасна фасада на училиштето во село Мусинци.

Општина Могила работи на реализација на бројни проекти од сите сфери на својата надлежност.

Општината останува сервис на граѓаните од најмлада до најстара возраст!

Секој ден е приемен за предлози и сугестии за потребите на граѓаните, за заедно да ги решаваме проблемите, да ги модифицираме и надоградуваме програмите за работа во наредните години.

Наша заедничка обврска, на градоначалникот, на Советот, на општинаската администрација, но и на секој граѓанин поединечно е да влијаеме и да создаваме модерна и просперитетна општина Могила.

Со голем мотив ќе продолжиме да работиме, чесно, отчетно и домаќински за доброто на сите наши сограѓани. Во наредните 3 години ќе ги реализираме останите проекти од предизборната програма.

Наш приоритет е да создаваме локални стратегии со кои општината ќе се грижи за своите млади генерации да останат да живеат, работат и создаваат во општина Могила” – истакна градоначалникот Саботковски.



Сподели го ова:

Слични објави