ДЕНЕСКА РЕКИ ОД НАРОД ВО ТОЧИЛА: Сите сакаат да ја видат иконата во кој има честица од старозаветниот Мамвриски даб

Сподели го ова:
























Иконата на Пресвета Троица, со вграден реликвијар во кој има честица од старозаветниот Мамвриски даб, кој се наоѓа во близина на израелскиот град Хеброн, денеска е во храмот “Св.преп.мчца. Параскева (Петка) Римјанка” во населба Точила, а голем број на прилепчани денеска на Духовден дојдоа на поклонение пред оваа икона.

Библискиот настан претставен со оваа икона е опишан во Старозаветната книга Битие, и се случил околу 1 800 години пред Христа, во Мамре кај Хеброн, на западниот брег на реката Јордан. Имено, за да се скрие од жештината на денот, старозаветниот патријарх и прататко Аврам ги сместил своите гости, трите Ангели односно Троичниот Бог, под крошна на даб, познат во Библијата како Мамрискиот даб, во чија непосредна близина живеел. Овој даб е зачуван до денес, а се наоѓа на имотот на рускиот манастир Света Троица. Според традицијата, дабот е стар околу 3800 години а според некои верувања дури и 5.000 години и претставува своевидна светиња за христијаните, Евреите и муслиманите. Според старозаветниот текст и преданието, токму на ова место три ангели му објавиле на пророкот Авраам, во неговата 99-та година, дека ќе добие син. Исак, неговиот син, се родил следната година.

Постои верување дека сушењето на овој даб ќе го најави крајот на светот и апокалипсата. Дабот се исушил во 1996 година и тоа ги разгорело толкувањата дека крајот на светот е близу. Сепак, по Божја милост, во 1998 година, дабот повторно разлиста.

Иконата со димензии 40×30 е подарок на храмот од благочестиви верници (семејство Јончески) од Прилеп, а е дело на иконописецот и зограф Николче Српчански и е иконописана во духот на источната православна иконописна традиција, врз основа на старозаветниот мотив каде Светотроичниот Бог му се јавува на отецот Авраам во вид на три ангели.

Иконата на Пресвета Троица со честицата од Мамрискиот даб ќе биде изложена за поклонение и целивање во текот на трите денови кога го празнуваме еден од најрадосните празници – Духовден или Педесетница.




Сподели го ова:

Слични објави