Чонески: Продолжуваме посветено да работиме за модерна, развиена и европска општина
Денеска во Крушево крушевскиот градоначалник Нико Чонески го пречека евроамбасадорот Н.Е. Михалис Рокас, со кого остварија значајна и конструктивна средба посветена на развојот на Крушево и европските перспективи на локално ниво.

“Во рамки на посетата разговаравме за актуелните проекти и можностите за понатамошна соработка со европските институции, како и за идните развојни планови на Крушево. Во текот на посетата беа реализирани повеќе активности, меѓу кои и средба со претставници од граѓанскиот сектор, како и изјава за медиумите. Во продолжение остваривме заедничка средба со невладини организации, при што се разговараше за потребите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните и младите. Во рамки на агендата беше посетен и ЕУ-проектот на полетиштето за параглајдери, како пример за поддршка на локалниот туризам и развојните иницијативи во Крушево. Посетата заврши со отворена дебата со граѓаните, каде што се разговараше за европските вредности, можностите за развој и иднината на нашата општина. Му благодарам на Н.Е. Михалис Рокас за посетата, поддршката и искрениот интерес за Крушево. Продолжуваме посветено да работиме за модерна, развиена и европска општина” – порача Чонески.


















