Честитки! Во прилепската болница денес за прв пат беше успешно изведена сложена хируршка интервенција на рбетниот столб, конкретно на лумбалниот сегмент
Денес, во прилепската болница за прв пат беше успешно изведена сложена хируршка интервенција на рбетниот столб, конкретно на лумбалниот сегмент. Ова претставува прва операција на рбет изведена надвор од Скопје и Охрид, што претставува значаен исчекор за нашиот регион.
“Операцијата беше изведена од Д-р Игор Мерџановски, во координација со колегите од Клиниката за ТОАРЛИУЦ, тимот од Одделението за ортопедија и трауматологија при нашата болница во Прилеп, како и анестезиолозите Д-р Маргарита Пирганоска и Д-р Александар Димитровски. Интервенцијата помина успешно, уредно и без компликации. На пациентот му посакуваме брзо и целосно закрепнување. Со дисперзијата на здравствените услуги од терциерно кон секундарно ниво, ја зајакнуваме децентрализацијата и ја враќаме довербата во здравствениот систем. Овој значаен потег овозможува пациентите да ја добијат потребната нега во својата матична установа, со што се намалува времето на чекање во другите болници и се редуцираат финансиските трошоци и товарот за пациентите.

Нашата визија е ваквите интервенции да станат редовна и стандардизирана практика во нашето Одделение за ортопедија и трауматологија. Со тоа не само што ги растеретуваме клиниките во Скопје, туку и активно придонесуваме кон развојот на регионалните центри и поголема достапност на квалитетни здравствени услуги за сите граѓани. Искрено им се заблагодаруваме на сите кои учествуваа во организацијата и реализацијата на овој значаен оперативен зафат. На пациентот му посакуваме брза рехабилитација, а на нашиот тим – уште многу идни успеси и бројни задоволни пациенти” – се вели во соопштението на прилепската болница.
















