Проданоски: Во изминативе денови бев во меѓународни посети на Швајцарија и Холандија, кои овозможија размена на искуства, стекнување нови знаења и воспоставување контакти што можат да придонесат за понатамошниот развој на Прилеп и регионот
Во изминативе денови прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски, имаше две значајни меѓународни посети во Швајцарија и Холандија, кои овозможија размена на искуства, стекнување нови знаења и воспоставување контакти што можат да придонесат за понатамошниот развој на Прилеп и регионот.
“Во рамките на официјалната посета на Општина Ешалан во Швајцарија, остварив средба со градоначалникот г. Серж Борник, претставници на локалните институции, политички чинители и претставници на македонските здруженија во овој регион. Разговаравме за прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на локалниот развој, заштитата на животната средина и можностите за идна соработка.
Особено корисни беа посетите на пречистителната станица за отпадни води, центарот за производство на растенија и одржување на зелените површини, како и центарот за собирање и рециклирање отпад. Станува збор за успешни примери на современо и одговорно управување со ресурсите, од кои можеме да извлечеме значајни искуства и идеи применливи и во нашата локална заедница.
Како дел од македонската делегација составена од претставници на повеќе институции од Македонија, присуствував и на традиционалната манифестација „Македонски денови“, каде што беа промовирани македонската култура, традиција и национални вредности. Воедно, остварив средби со наши иселеници во Швајцарија, кои со својата посветеност и успеси достојно ја претставуваат Република Македонија.
Во рамки на студиската посета на Холандија, организирана од „Про Локал“ во рамките на проектот ПЕЛО, поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија, заедно со градоначалниците од Пелагонискиот регион и претставници на бизнис секторот имавме можност да се запознаеме со успешни европски практики во областа на одржливиот развој, иновациите, младинските политики и циркуларната економија.
Посетивме повеќе институции и центри кои претставуваат примери за современо локално управување и иновативен развој. Во Амстердам се запознавме со успешна трансформација на поранешен индустриски простор во одржлив и еколошки развоен центар, додека во Хаг остваривме средба со градоначалникот Јан ван Занен, при што разговаравме за предизвиците и решенијата поврзани со климатските промени, управувањето со отпадот, локалниот економски развој и создавањето подобри услови за младите.
Посебен впечаток оставија посетите на Асоцијацијата на холандски општини, Академијата за локално управување, иновацискиот центар Titaan Hub и Техничкиот универзитет во Делфт, каде што одблиску видовме како институциите, образованието, бизнис секторот и граѓанските организации можат заеднички да создаваат нови можности за развој и поквалитетен живот.
Највредната поука од овие посети е дека вистинскиот напредок се гради преку партнерства, визија и соработка. Добрите практики и искуствата што ги видовме, ќе имаме прилика да ги преточиме во конкретни иницијативи во интерес на граѓаните на Прилеп.
Упатувам искрена благодарност до домаќините во Швајцарија и Холандија за гостопримството, отвореноста и подготвеноста за споделување искуства.
Ваквите средби претставуваат цврста основа за нови партнерства и идни проекти кои ќе донесат конкретни придобивки за нашата општина Прилеп” – истакна Проданоски.


















