Министерката Јаневска: Честитки за успешно завршената учебна година, да продолжиме заедно да ги спроведуваме промените за поквалитетно образование
Денеска завршува школската година за учениците во нашата земја, а со тоа започнува најголемата радост за сите учениците, и долгочекуваниот летен распуст кој веќе е на прагот. По повод завршувањето на учебната година, министерката за образование Весна Jаневска порача:
“Денес завршува учебната 2025/2026 година. Година што беше подобра од претходната и во која воведовме бројни новини во воспитно-образовниот процес, во интерес на учениците, наставниците, стручните соработници, како и на родителите и старателите. Благодарност до сите за поддршката и прифаќањето на промените. Уверена сум дека веќе ги гледаме првите позитивни резултати, што претставува дополнителен мотив да продолжиме со унапредувањето на образовниот систем.
На сите основци и средношколци им честитам за постигнатите успеси. Им посакувам убав летен распуст, исполнет со одмор, дружење и незаборавни спомени. Верувам дека ќе одвојат време и за литература, за стекнување нови знаења и за развој на личните вештини. Компјутерите и дигиталните алатки што им се достапни нека ги користат мудро за учење, истражување и откривање нови можности.
Наставниците се и остануваат најважниот столб на квалитетното образование. Со голема посветеност и професионалност ја реализираа наставата и им го пренесуваа знаењето на своите ученици на најдобар можен начин. За дополнително да ја поттикнеме нивната мотивација и креативност, донесовме одлука за ново зголемување на платите за 7,5 проценти, со што кумулативниот раст во последните две години надминува 20 проценти.
Паралелно вложувавме во подобрување на условите за настава и работа, но и во создавање можности за професионален и кариерен развој. Реализиравме нови повици за напредување на наставниците и стручните соработници во звања ментор и советник во основното образование, а за првпат оваа можност се обезбеди и во средното образование.
Важно е да останеме партнери и во иднина. Уверена сум дека заеднички ќе ги реализираме сите цели и активности предвидени со Реформската агенда. Најдобриот интерес на учениците е наш заеднички приоритет и останува во фокусот на сè што правиме.
Посебна благодарност упатувам и до родителите и старателите. Нивната посветеност и грижа најдобро се препознаваат преку развојот и однесувањето на децата. Во следната учебна година очекувам уште поголема проактивност и соработка, особено во справувањето со предизвикот на врсничкото насилство. Секој од нас има подеднакво важна улога во создавањето безбедна, мирна и поттикнувачка училишна средина.
Пред Министерството за образование и наука претстои работно лето. Во тек се повеќе значајни процеси на кои сме целосно посветени – реализацијата на државната матура, уписите во средното образование, набавката на нови учебници, изработката на нови наставни програми, забрзувањето на дигитализацијата, како и завршувањето на повеќе инфраструктурни инвестиции.
Задоволни од досега сработеното, продолжуваме мотивирано и посветено да создаваме уште подобри услови за успешна учебна 2026/2027 година.
На сите ви посакувам добро здравје, среќа и пријатен летен распуст” – истакна Весна Јаневска, Министерка за образование и наука.


















