Чонески: Упатувам искрена благодарност до припадниците на ТППЕ-Крушево, луѓе кои секојдневно стојат во првите редови кога е најпотребно, подготвени да го заштитат животот, домот и безбедноста на граѓаните
Денеска по повод на 20 Мај – Денот на македонските пожарникари, крушевскиот градоначалник Нико Чонески, во неговиот кабинет оствари средба со крушевските пожарникари на кои им упати голема благодарност за нивниот несебичен труд и пожртвуваност:
“Упатувам искрена благодарност до припадниците на Територијалната противпожарна единица Крушево, луѓе кои секојдневно стојат во првите редови кога е најпотребно, подготвени да го заштитат животот, домот и безбедноста на граѓаните.
Пожарникарството е професија, која бара огромна храброст, пожртвуваност, дисциплина и човечност. Во оваа професија се обединуваат одговорноста и хуманоста, а секоја нивна интервенција е доказ за нивната несебична посветеност кон заедницата.
Територијалната противпожарна единица Крушево е симбол на сигурност и спокој за нашиот град. Нивното знаење, професионалност, долгогодишно искуство и секојдневната подготвеност да се соочат со опасности заслужуваат огромна благодарност.
Нашите пожарникари се вистински херои. Често изложувајќи се на ризик и тешки услови, тие ја ставаат безбедноста на граѓаните пред сопствената. Токму затоа, Крушево се гордее со нив и со нивната несебична служба кон градот и граѓаните.
Нека е честит 20 Мај – Денот на македонските пожарникари!” – порача Чонески.


















