После долги години, конечно се чисти руинираната „Чарши џамија“ во прилепската чаршија која беше преполна со ѓубре
Прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски продолжи со уредување на централното градско подрачје. Овој пат се уредуваше во срцето на прилепската чаршија каде се наоѓа заштитеното културно добро „Чарши џамија“, значаен дел од историското и културното наследство на Прилеп. Со години овој простор е оставен во запуштена и руинирана состојба, нешто што не доликува на Прилеп.

“Прилеп не смее да има руинирани објекти во самиот центар на градот. Нашата обврска е да го зачуваме и уредиме секое место кое сведочи за историјата на градот.
Затоа, во координација со Јавните комунални претпријатија и под посебен надзор на НУ Завод и музеј Прилеп, пристапуваме кон внимателно расчистување и уредување на просторот околу овој локалитет. Просторот ќе биде исчистен, уреден, ограден и соодветно осветлен, со почит кон неговото историско значење.
Различностите мора да ги почитуваме, а културното наследство да го чуваме. Само така градиме достоинствен и европски Прилеп, град во кој се негува историјата и се гради мултикултурно општество.
Прилеп и прилепчани го заслужуваат тоа” – порача градоначалникот Проданоски.


















