Докторка од битолската болница фатена како зема мито од пациент
Попладнево пред крајот на работното време, докторка од Очното оддeление во Клиничката болница во Битола е фатена како бара, а воедно и зема мито од страна на пациент. Од битолската болница се згрозени од овој случај, и целосно се оградуваат од истиот.
Имено, докторката на одреден пациент му побарала мито, а пациентот случајот го пријавил кај истражните органи. Веднаш потоа, докторката е фатена со обележани пари, и спроведена на распит.

Се очекува ОЈО Битола да донесе одлука.
“Министерството за здравство најостро го осудува секој облик на коруптивно однесување во здравствениот систем. Во врска со случајот во ЈЗУ Клиничка болница „Др. Трифун Пановски“ – Битола, каде што денес медицинско лице е затекнато при примање поткуп, Министерството веднаш иницира постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, согласно законските процедури. Реакцијата на Министерството е брза, принципиелна и недвосмислена, ставена во насока на заштитата на достоинството на пациентите и интегритетот на медицинските лица од јавното здравство.
Граѓаните имаат право на фер и достоинствен третман. Министерството не толерира корупција и ќе ги санкционира сите прекршоци за да ја зачува довербата во здравствениот систем.
Очекуваме институционална истрага и завршница од надлежните органи, со цел ефикасна борба против корупцијата. Ги повикуваме граѓаните да продолжат да пријавуваат преку веб алатката „Пријави неправилности“, додека институциите да продолжат постапуваат доследно и без селективност” – истакнаа од Министерството за здравство.















